ССК: Зголемувањето на платите треба да е последица на функционални пазарни механизми, не на политички популизам

Алармираат дека ваквата одлука ќе ги стави комапниите во дополнителен трошок, особено во период на здравствено-економска криза.

-Зголемувањето на минималната плата ќе влијае на намалување на мотивацијата на вработените кои досега биле попродуктивни, бидејќи голем број од деловните субјекти немаат капациети и моќи скалесто да ги зголемат платите на останатите вработени. Оваа мерка нема да роди со плод, со продуктивност. Зголемените трошоци може да придонесат за зголемување на невработеноста, да го отежнат процесот на отворање на нови работни места, како и да доведат до понатамошен раст на цените на производите. Воедно, зголемувањето на минималните плати, исто така ќе ги поттикне и инфлаторните движења во македонската еконономија, изјави Александра Андреева, член на управниот одбор на ССК.

Оцени дека ако Владата е искрена во своите намери да помогне и на бизнисот и на граѓаните во тој случај, потенцира, ќе спроведе мерка со која што ќе се намалат стапките на придонеси кои, како што заклучи, во државава се на екстремно високо ниво.

-Така на пример кај нас ефективната стапка на придонеси на бруто плата е 33 проценти, додека за споредба во Германија изнесува 27 отсто, Бугарија 19 проценти, Словенија 18 проценти, Хрватска 17 проценти. Со зголемувањето на минималните плати, бруто платата – трошокот за компаниите би бил околу 27.000 денари односно околу 50 проценти повеќе од самата нето плата. Ваквата ситуација со вештачко зголемување на минималната плата ќе доведе до зголемување на сивата економијата, односно во борбата за опстанок компаниите ќе бидат принудени да ја воведат праксата на плата во плик, појасни таа.

Благоја Грозданов, од управниот одбор на ССК додаде дека ваквите одлуки кои се донесени од популизам водат кон дестабилизација, нарушуени економски односи и поделба во општеството.

-Во креирањето на политиките на една земја треба да се водиме по здравата економска логика, бидејќи популизмот носи дестабилизација, нарушени економски односи и поделби во општеството. Како претставници на бизнис заедницата секогаш поддржуваме зголемувањето на платите, ако тоа е последица на пазарните механизми, зголемената продуктивност на работната сила и на зголемената економска активност на бизнис секторот. Негативните ефекти од чисто политичко зголемување на минималните плати води кон дестабилизиација на ионака нефункционалниот пазар на труд, рече Грозданов.

Тие потсетија дека самиот закон има вграден механизам според кој минималната плата се зголемува во март секоја година.

-Така согласно член 4 од Законот, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика, велат од ССК.

Заклучуваат дека проблемот со инфлаторните движења треба да се решава со зголемување на економската активност и создавање услови за развој.

-Да го решите проблемот со инфлаторните движења со зголемување на плата е како да сакате да изгсасните оган со масло, бидејќи ги зголемувате трошоците на комапниите што може дополнително да води кон зголемување на трошоците. Единствен начин е да се остварат услови за развој на компаниите, односно продуктивноста. Ако немате поголемо ниво на економска активност не може да барате зголемување на платите, кога не можеме тоа да го издржиме. Ако се искрени во намерите државата нека се откаже од својот дел, од колачот кој е во форма на придонеси, порача Грозданоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.