ССМ: Арсовска да не шири паника, во работничката борба нема политика

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да не шири паника, туку да помогне во борбата за остварување на правата на работниците и да ги спречи оние кои ги прекршуваат, а во спротивно ќе се потврдат фактите дека работничките права се кршат по нејзин диктат од нејзините шерифи кои за потсетување оставија повеќе од 1000 работници во ЈСП без плата, а сега сака да остави повеќе од 1000 работници во ЈП Водовод и канализација Скопје  без работа доколку не се послушници на нејзиниот в.д Директор.

На вчерашната вонредна прес конференција на која Арсовска искажува лага дека на Скопјани ќе им биде исклучена водата од страна на синдикатот, се врши ширење на паника, а во едно и клевета и навреда, за да се задскрие незаконското постапување на нејзиниот в.д Директор во Водовод и да се избега од одговорност за незаконското работење.

Очигледно за Градоначалничката Арсовска, флагрантното прекршување на законите утврдено од државни органи е само констатирана техничка грешка, што претставува крајно непознавање на прописите и навреда за работниците, а покрај инспекциските служби, неправилности едногласно утврди и Управниот одбор на јавното претпријатие и со што 93 вработени за кои Митовски лично сметал дека се непотребни да работат во претпријатието ќе бидат вработени согласно предходниот оглас за продолжување на нивните договори за вработување до крајот на 2022 година согласно програмата за вработување во претпријатието, а укинати се и незаконските задолженија над 30 вработени во претпријатието, а за што предупредуваше синдикатот.

Не е јасно каде Арсовска гледа политика во борбата за работнички права, кога сите надлежни служби и институции утврдиле прекршувања на Закон и Колективен договор на штета на работничките права, а само таа утврдила дека има политика во борбата за работничкити права.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски како и за секоја  друга информација до јавноста укажа на последиците доколку некоја институција влезе во штрајк, дека тоа ќе значи намалување на услугите кои ги нуди јавното претпријатие, во согласност со законите, па  доколку штрајкуваат вработените на АД Пошти ќе има застој во приемот и испраќањето на поштата, кога штрајкуваа ЈСП немаше кој да ги управува автобусите, доколку штрајкуваат вработените на Водовод нема да има исклучување на вентили, туку доколку дојде до пукање на цевка ќе нема кој да ја поправи, ќе нема кој да се грижи за пумпите за вода, ќе нема кој да ги управува машините и алатите, едноставно ќе нема кој да ја одржува водоводната мрежа, освен доколку тоа не го прават лично Арсовска  и Митовски.

Срамно и жално е во време на ваква економска криза, Градоначалничката на Скопје да се обидува да профитира од лажни вести и да се влева дополнителен страв кај граѓаните кои едвај го поминуваат месецот и секојдневно се заглавуваат во долгови, а работниците во јавните претпријатија да живеат во страв и паника за нивната егзистенција и работа, поради тоа што Арсовска е немоќна да се справи со политичарите од една страна и нејзините неспособни менаџери од друга страна, а одбира битка со работниците и нивните претставници.

И порачуваме дека во работничката борба нема политика, а дека организациите на работниците се борат и против лошите политики на јавните функционери кои мислејќи дека се семоќни свесно ги кршат законите и за тоа се одговара!

ССМ заедно со синдикатите  секојдневно информираат за инфлацијата, за проблемите во претпријатијата, за непочитување на работничките права и ќе продолжат да  информираат и да покренуваат иницијативи за неправдите и самоволието на јавните функционери, директорите и ќе објавува за незаконските појави и кршењето на законите на грбот на работниците и ќе бара одговорност од истите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.