ССМ бара ковид-19 да се признае како професионално заболување за сите

Ковид -19 да се признае како професионално заболување за сите работници, а на вработените кои ќе отсуствуваат од работа поради зараза, изолација и самоизолација поради изложеност на ковид-19 да се плаќаа 100 отсто од основицата утврдена со закон, побара Сојузот на синдикатите кој по повод Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.

Синдикатот смета дека најголем дел од прашањата поврзани со заштита на безбедноста и здравјето на работниците во услови на ковид-19, треба да биде регулирано со Колективните договори на ниво на работодавач.

– Потребата од дополнителни додатоци на плата за работни места каде што постои висока изложеност на ковид- 19, треба да бидат предмет на опстојна анализа и регулирање на правото за сите работници кои се по овој основ под зголемена опасност за време на работниот процес – рече секретарот на ССМ Златко Цветковски.

Синдикатите сметаат дека е потребна заедничка активност на претставниците на работниците и претставниците на работодавачите во насока на подигањето на јавната свест за улогата и значењето на здравите и безбедни услови за работа воопшто, со посебен акцент на заштитата на здравјето и животот на работниците како последица на пандемијата.

ССМ бара заедничко интегрирано делување на социјалните партнери, научната, стручната јавност и граѓанскиот сектор, затоа што здравите и безбедни услови за работа бараат мултидисциплинарен пристап во решавањето на проблемите.

-Неопходно е ефикасно делување, инспекциските органи и контрола од нивна страна, со цел да се откријат навремено слабостите и да се заменат со решенија кои ќе значат унапредување на здравите и безбедни услови за работа, согласно меѓународните стандарди и препораки, пред сѐ, кога станува збор за актуелната состојба на заштита и сузбивање на заразната болест предизвикана од вирусот ковид- 19 – вели Цветковски.

Тој рече и дека последиците од пандемијата можат да бидат катастрофални, па затоа ССМ апелира на брзо заедничко делување на сите релевантни чинители.