ССМ бара мерки за помош на работниците, претпријатијата и јавните служби

Сојузот на синдикати на Македонија  бара да се преземат напори за да им се помогне на работниците, претпријатијата и јавните служби да ја надминат кризата предизвикана од коронавирусот.

– Мерките треба да бидат насочени кон зачувување на работните места, а во меѓувреме да се заштитат од невработеност и загуба на приходи и да се ублажат финансиските загуби. Луѓето кои се болни, кои се грижат за семејството или не се во состојба да работат заради коронавирусот, не треба да страдаат финансиски, па поради тоа од страна на Владата потребно е да се обезбеди финасиска помош за сите вработени, велат од ССМ.

Оттаму бараат Владата да обезбеди финансиска помош за работниците кои се болни или водат грижа за член на семејството односно да се овозможи отпис на камати по основ на кредити, намалување или ослободување од режиските трошоци и слично.

Според ССМ, има потреба од преземање на мерки и обезбедување на финансиска помош за самовработените работници, како и финансиска помош за компаниите кои нема да можат да ги извршуваат деловните потфати или ќе ги извршуваат со значително намален обем, првенствено за плати на работниците.

До компаниите се апелира да ги почитуваат препораките за ослободување од работа на родител со дете до 10 години и на хронично болните, како и да обезбедат средства за хигиена за вработените кои се на работните места и хигиенски средства за заштита на потрошувачите и корисниците на услуги. ССМ предлага да се направи и реорганизација на работењето и намалување на бројот на вработени на работните места, ротација на вработените ангажирани на работните места и клизно работно време.

– ССМ во име на работниците, секаде каде што ќе добие информација дека не се почитуваат препораките, ќе интервенира и пријави  до надлежните инситуции и ќе настојува истите да ги превземат сите активности во рамки на нивните надлежности и да ги санкционираат сите кои нема да ги почитуваат препораките и мерките, велат од ССМ.