ССМ поднесе тужба против Владата поради зголемување на платите само на дел од вработените во јавниот сектор

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поднесе тужба од јавен интерес против Република Северна Македонија, Владата на РСМ, како тужен во постапката поради тоа што со постапување односно непостапувањето на РСМ, се дискриминирани голем број на вработени во јавниот сектор.

– Владата не постапи во целост согласно Закон за измени и дополнување на Законот за минимална плата објавен во Сл. весник бр. 41 /2022година со кој е утврдена висина на минимална плата во износ од 18.000 денари во нето износ, што преставува зголемување од 18,4 проценти во однос на вредноста на предходната минимална плата. Согласно член 8 од Законот, требаше да се усогласат платите на сите вработени со порастот на минималната плата, се појаснува во денешното соопштение од ССМ.

Платите на другите вработени кои имаат плата под минималната, за дел вработени се усогласени со порастот на минималната, а Владата не го направи тоа за сите вработени во јавниот сектор односно паушално и без критериуми платите некаде не се зголемуват воопшто, а некаде се зголемуваат за одредени категории на вработени.

– Постапувајќи на овој начин Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во член 9 од Уставот во однос на остварување на нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. Токму почитувањето на принципот на еднаквост и недискриминација при остварување на работничките права како најзначаен дел од граѓанските права претставуваат показател дали една држава е демократски ориентирана и искажува еднаква грижа без дискриминација кон сите свои граѓани и работници, подвлекуваат од ССМ.

Владата не постапи согласно Законот за минимална плата, другите закони и владеењето на правото и не обезбеди зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор туку тоа го направи само за еден дел од вработените во јавниот сектор во државата.

– Дополнително, со поднесувањето на оваа тужба, ССМ ќе ги искористи и сите други достапни механизми и ќе поднесе соодветни тужби и пријави пред меѓународните институции за што веќе добиваме помош и поддршка од Европската конфедерација на синдикатите, најавија од ССМ.