ССМ против уназадувањето на работничките права за недела неработен ден

Сојузот на синдикати е загрижен поради, како што велат, информациите дека група на пратеници и министерот за економија  подготвуваат измени во законите со кои ќе уназадат и скратат работничките права кои се однесуваат на недела неработен ден.

Во реакцијата на ССМ се вели дека со самото тоа што најавените предлог закони се веќе доставени во Собранието, без социјален дијалог, се потценуваат работниците во целина, што е недозволиво.

„Загрижени сме поради информациите дека групи на пратеници и министерот за економија Бектеши, изготвувале предлог текстови на Законот за работните односи и Законот за трговија со кои планираат да се уназадуваат и кратат работнички права во поглед да се озаконуваат незаконитостите, наспроти очекувањата на работниците и ССМ за доследно да се почитуваат Законот за трговија и Законот за работните односи во делот на законските измени за недела – неработен ден односно ден за неделен одмор и да не се озаконуваат незаконитостите“.

Од Сојузот на синдикати бараат итна средба на Економско социјалниот совет на која како единствена точка ќе се разгледува ова прашање.

„Во спротивно ќе бидеме приморани да сметаме дека и членови на Владата се вклучени во подготовка на предлог текстови на Законот за работните односи и Законот за трговија за уназадување на работничките права и дека свесно не ги почитуваат претставниците на работниците и работодавачите и се прави голем преседан по основ на кршење на работничките права кои веќе се од големо значење на работните“, се вели во рекацијата на ССМ.

Законското решение за недела неработен ден стапи на сила од 01-ви јануари годинава. Со измените, 92 отсто од работниците не работат во недела.

За работниците од техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати законот предвидува исплата за 50% повисока дневница и за 100% повисока дневница за работа во недела за вработените во трговските центри.