ССНМ ги осуди онлајн заканите врз колегата Мишко Иванов

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги осудува онлајн нападите и заканите на социјалните мрежи врз колегата Мишко Иванов, како и зачестените напади врз други новинари и новинарки, соопшти новинарскиот синдикат.

– По тој повод ССНМ апелира до сите новинари и медиумски работници сите овие напади, закани, онлајн малтретирање и слично да ги пријавуваат до органите на прогонот и соодветните институции, иако со жалење констатираме дека МВР овие закани не ги сфаќа сериозно и по нив не постапува според своите законски овластувања. Институциите треба постојано да реагираат и да ги санкционираат ваквите појави бидејќи решавањето на случајот со нападите врз две новинарки од страна на Емил Јакимовски не смее да остане единствен – велат од синдикатот.

ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници, да ги пријавуваат заканите и нападите во Синдикатот, преку пораки на Фејсбук страната или на електронската пошта ssnm.info@gmail.com. ССНМ ќе го документира секој случај и ќе преземе соодветни мерки, инсистирајќи до соодветните институции да ги преземат мерките што им стојат на располагање и истовремено информирајќи ги меѓународните институции за состојбата со нападите врз новинарите.

– Состојбата со нападите врз новинарите што професионално и чесно си ја вршат својата работа е неодржлива и таа уште веднаш мора да се смени. ССНМ смета дека нема објективно и професионално новинарство доколку новинарите и медиумските работници работат под притисок на закани и напади. Само со јавен притисок кон институциите, но и јавно обелоденување на оваа појава со цел кревање на свеста на јавноста, како и заедничка реакција, може да придонесе за намалување на нападите, заканите и онлајн малтретирањето на нашите колеги  – велат од ССНМ: