ССНМ со осуда за физичкиот напад врз Златев

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро го осудува физичкиот напад врз новинарот Љупче Златев што се случил синоќа во еден скопски локал .

Според Златев, тој бил физички нападнат од лице, подоцна идентификувано од нападнатиот, кое се обидело да го исфрли од локалот при што му биле нанесени повеќе лесни телесни повреди.

Нападот е пријавен во полиција и ССНМ, стои во денешното соопштение, очекува брзо откривање на сторителите и нивно изведување пред лицето на правдата .

„Слободата на говор и плурализмот во медиумите се основи на секоја демократија и без основна безбедност на новинарите и медиумските работници, не е можно практикување на оваа професија. Ги повикуваме институциите, МВР и Основното јавно обвинителство итно да постапуваат во ваквите случаи и тие да не се оставаат нерешени, бидејќи неказнивоста значи и еден вид охрабрување на идните престапници“, се наведува во соопштението од ССНМ.

Од ССНМ уште еднаш потсетуваат дека е потребна итна измена на Кривичниот закон, при што нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице, односно институциите ќе мора по службена должност да преземаат дејствија за расчистување на ваквите напади