Стаменковска: СДСМ удри и по најранливите – децата и лицата со попреченост

Со ребалансот на Буџетот СДСМ удри и по најранливата категорија граѓани, врз децата и лицата со попреченост, изјви во понеделникот на прес-конференцијата Невена Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС на дело ја покажува својата негрижа и безчувствителност. СДС скрати цели 28.000.000 денари од ставката за изградба, опремување и одржување објекти за социјална заштита и дневни центри за лица со попреченост. СДС покажа дека овие категории на граѓани не им значат ништо, за СДС значајна е набавката на октоподи и други морски плодови кои треба да се најдат на трпезата на Заев, но не и граѓаните со попречености“, истакна Стаменковска.

Укажа дека со ребалансот на Буџетот власта крати пари и ја стопира изградбата на дневните центри за лица со тешка и најтешка телесна попреченост во Скопје и Битола, дневните центри за деца со попреченост во Чаир, Демир Хисар и Свети Николе, дневниот центар за рана интервенција за деца со попреченост во Карпош и дневниот центар за деца со аутизам во Скопје.

„Поради негрижата на СДС доцни и отворањето на дневниот центар за деца со попреченост во Македонска Каменица и два дневни центра за лица со попреченост и аутизам во Охрид. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ имаше усвоено акциски план во 2017 година со конкретни рокови за отворање на повеќе дневни центри. Сега со кратењето на буџетот и игнорантскиот однос на СДС кон овие лица, изградбата и отворањето на овие дневни центри е оневозможена“, истакна Стаменковска.

Рече дека покрај овие дневни центри, ВМРО-ДПМНЕ со усвоениот акциски план имале предвидено и отворање на уште 14 нови дневни центри за деца и лица со попреченост кои требало да се реализираат до 2020 година, проекти и планови кои сега се стопирани.