Стаменковска Стојковски: Продолжува изборната корпупција со секојдневно објавување на договори за вработување

Владата на СДС, нема пари за стопанството, фирмите и вработените на кои им забрани да работаат поради Ковид-19, но има пари за вработување на партиски војници за време на падемијата. Расипничкото трошење на државни пари за лични или партиски цели на СДС, не запира, вели Невенка Стаменковска Стојковски, дополнителен заменик министер во Министерството за информатичко општество и админситрација (МИОА), додавајќи дека за време на пандемија, вонредна состојба и економска криза, додека цел свет пренамени огромни средства за стопанството и борба со пандемијата, во Македонија директорите на СДС се способни само да се наполни нивниот фрижидер и дополнително да ја партизираат администрацијата.

„Претходно објавив за преку 90 договори на институции со агенции за привремени вработувања со милионски износ за вработување поради „зголемен обем на работа“ за време на вонредна состојба, но ниту од обвинителството, ниту ДКСК, не слушнавме дека постапиле или барем се заинтересирале за одливот на државни пари и елементите за можен поткуп во овој предизборен период.

Информацијата за потрошени 120 милиони евра за само 3 месеци, невообичаено за ниту една претходна година, го оправдува секојдневниот притисок и најава за кратење на платите на сите вработени во јавниот сектор, со цел нивно дисциплинирање и пополнување на дупката во буџетот кој немилосрдно се празни за неосновани и несуштински работи“, констатира Стаменковска Стојковски.

Наместо рационализација и домаќинско работење во институциите и пренамена на парите кои биле планирани за договорни услуги, вработувања на определено време или преку АПВ во Фондот за справување со Ковид-19, вели Стаменковска Стојковски, се ужаснав кога на 07.05.2020 година на страната на Агенција за администрација видов повторно два јавни огласи кои што се објавени за вкупно 31 нови вработувања, од кои само за Агенцијата за храна и ветеринарство со потреба од 29 нови вработувања, и тоа, по работни места во: Пехчево, Виница, Демир Хисар, Македонски Брод, Македонска Каменица, а замислете куриозитетот е уште поголем, што во овие општини воопшто нема или не постојат технички и просторни услови за да се изврши било каква работа, а се сомневаме и дека воопшто има потреба за ивршување и потреба од инспектори во овие општини.

„Владата на СДС нема пари за вработените во администрацијата кои што се на неопределено, со долгогодишно искуство и се столбот на секоја институција, а има пари за над 20 000 вработени на определено време, преку АПВ и ангажирани со авторски договори кои не знаат кои им се работните задачи, а дел од нив и не одат на работа. Лицемерие, безобразлук и расипништво во секоја институција и на секој чекор“, истакнува Невенка и посочува дека не запираат телефоните и пријавите за притисоци врз администрацијата и тоа:

  • Постапки и казнувања во ЈП Македонски шуми;
  • Распоредувања во Царинската управа;
  • Неосновано распоредувања и казнување во Службата за општи и заеднички работи на Влада на Република Македонија;
  • Казнување во ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија поради пријава за незаконско работење.

„И еве, додека говорам за расипничкото трошење на народни пари, продолжува изборната корпупција со секојдневно објавување на договори за вработување преку агенциите за привремени вработувања.

Повикувам итно запирање на сите вработувања во јавниот сектор, пренамена на средствата за договорни услуги, вработувања на определено време или преку АПВ и запирање на притисоците врз вработените во јавниот сектор“, потенцира дополнителната заменичка на мнистерот.

„Дополнително, би сакала да информирам дека на 31.03.2020 година, на седницата одржана на Владата на Република Македонија, една од точките, на 59-та точка, е Информацијата за намалување на непродуктивни расходи поради справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, има усвоено заклучоци на кои што се вели, меѓу првиот заклучок, односно еден најбитен штом е ставен прв, дека во јавниот сектор времено се забрануваат нови вработувања, нови ангажирања преку агенција за привремени вработувања и нови договори на дело, освен за ангажирање на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори што се во насока на справување на последиците од коронавирусот. Самата Влада носи уредби со законска сила и самата влада неосновано и незаконски ги деградира заклучоците кои што се донесени. Затоа уште еднаш велам и повикувам да се запрат овие нови договори преку агенции со привремени вработувања и да се престане со објавување на нови работни места, освен во секторите кои што се со медицински кадар, каде што навистина е и потребно да има дополнителен кадар за да може да се справиме успешно со оваа ситуација“, нагласи Стаменковска Стојковски.