Стаменковска-Стојковски: Во времето на владеење на СДСМ рекорден број вработени во јавната администрација

На вчерашната прес-конференција, министерот Дамјан Манчевски и официјално го потврди она што се обидуваше да го скрие, а тоа е дека Македонија под водство на СДСМ достигна рекорден број на вработени во јавната администрација во својата историја, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнува дополнителниот министер за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојковски.

-Превработувањето во институциите, непотизмот и бруталната партизација се единственото нешто што СДСМ систематски го прави во јавниот сектор. Бројот на вработени во јавната администрација расте секоја година, а тоа го докажуваат дури и бројките кои самите ги објавуваат. Податокот во Извештајот на Дамјан Манчевски за 132 илјади и 900 лица вработени во институциите од јавниот сектор претставува историски најголем број кој некогаш го имал јавниот сектор во Република Македонија. Но, вистинската слика е уште полоша, ако се земе во предвид дека селективните информации во Извештајот воопшто не ја прикажуваат моменталната реална состојба на бројот на вработените во јавниот сектор. Имено, најголем дел од постапките за вработување на 4 400 огласи кои беа објавени во ноември и декември минатата година завршија во јануари пред распуштањето на Собранието на Република Македонија и тие вработувања не се дел од извештајот, вели Стаменковска-Стојковски.

Додава дека Извештајот не ги брои ниту вработувањата од двата огласи на ЈП Македонски шуми во јануари 2020 година за вработување на над 540 лица, ниту вработувањата од огласот Македонска пошта во февруари 2020 година за 280 лица. Извештајот на Дамјан Манчевски не ги содржи ниту вработувањата од јануарските огласи на ЈП Комунална хигиена, Градски паркинг Скопје, Водовод Прилеп, Паркови и зеленило и на многу други институции за кои јавноста е запознаена.

-Во извештајот недостасуваат и клучни информации кои се намерно изоставени, како на пример за вкупниот број на вработени на определено време, кој според мои сознанија во моментов изнесува над 14 илјади лица. За среќа, содржи доволно информации за да обелодени класична злоупотреба и партизација на институциите, за која ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе ревизија и ќе одговараат сите раководители кои со средства од буџетот се раздолжувале на партиски активисти преку неосновано склучување на договори на определено време. Прашањето кое јас и јавноста го поставуваме не е дали министерот Дамјан Манчевски ги смета 3 222 партиски војници ангажирани преку АПВ за вработени во јавниот сектор, туку дали е оправдано од буџетот да се одлеваат 30 милиони евра за нивен ангажман во време кога со сигурност нема зголемен обем на работа. Дополнително, со тоа што овие 3 222 партиски војници не се сметаат за вработени во јавниот сектор истите се имуни на предлог мерките на Зоран Заев и Дамјан Манчевски за намалување на платите, кои патем се спротивни на препораките за надминување на кризата од сите релевантни меѓународни институции и експерти, вели Стаменковска-Стојковски.

Истакна дека во неговиот прес случајно или намерно заборави да истакне дека од нова година до 25.03.2020 објавени се дополнителни 84 набавки за услуги за привремени вработувања, чија вкупна проценета вредност може да надмине и 200 милиони денари, кои воопшто не се дел од овој извештај.  Со оваа пракса, раководните лица на СДСМ со дозвола на министерот Манчевски го изигруваат Законот за административни службеници како и Законот за вработените во јавниот сектор и злоупотребуваат низа други закони.

-Овој извештај дополнително открива дека СДС продолжува со праксата да воспоставува нови институции само за да ги задоволи директорските апетитите на своите поистакнати партиски членови. За само две години бројот на институции пораснал за 25. Ова значи 25 нови директори, 25 шофери, 25 секретарки, 25 објекти, стотици нови службени телефони, стотици нови раководители на сектори и одделенија, илјадници нови партиски војници на товар на буџетот. Затоа денес имаме институции кои служат на СДСМ а не на народот. Имаме агенции кои ги кријат податоците, инспекторати кои селективно вршат инспекциски надзор, ревизори кои селективно вршат ревизии и министерства кои самите не ги почитуваат законите за кои се надлежни, стои во соопштението од кабинетот на Стаменковска-Стојковски.