Стаменковска: Владата на СДСМ ги дотолчува социјалните групи

Наместо на потребите на граѓаните, Владата на СДСМ со ребалансот на Буџетот се фокусира на партиските вработувања, шарените револуционери, твитер ликовите и другите нивни партиски поддржувачи, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Со ваквата негрижа и неработење, како што изјави Невенка Стаменковска, СДСМ уште еднаш го потврди правилото дека едно ветува во опозиција, а друго прави на власт.

– Наместо да се грижи за социјалните групи кои се на маргините, СДС се води од теснопартиските интереси. Министерката за труд и социјална политика го покажа своето лицемерие, до пред неколку месеци ветуваше брда и долини, а сега ни збор не спомнува за покачување на социјалната помош, рече Стаменковска.

Владата на СДСМ, додаде, спроведе ребаланс од кој јавноста виде дека ќе се зголемуваат ставки за договорни услуги, ќе се отвора простор за партиски вработувања, но ќе се крати од средствата за градинки, пензионерски домови и дневни центри за згрижување деца со посебни потреби.

– Разликата е очигледна, тие се целосна спротивност на ВМРО-ДПМНЕ која во својата програма јасно вети дека ќе ја покачува социјалната помош за ранливите категории граѓани за 10,6 отсто годишно, односно секоја година покачување за нови 10,6 проценти. Тоа значи дека ако ВМРО-ДПМНЕ беше на власт оваа 2017 година, примателите на социјална помош ќе добиеја поголема социјална помош за 10,6 отсто. Тоа е вистинската грижа и одговорност која граѓаните сакаат да ја видат и од СДС, рече Стаменковска.