Стана премиер на Шведска, но по неколку часа си поднесе оставка

Новоизбраната шведска премиерка Магдалена Андерсон поднесе оставка само неколку часа откако беше назначена, бидејќи нејзиниот коалициски партнер, Партијата на зелените, ја напушти владата.

Причината за напуштањето на Владата беше тоа што владиниот предлог-буџет не беше усвоен, а предлогот на опозицијата беше прифатен во парламентот. Лидерите на Партијата на зелените изјавија дека не сакаат да го спроведат буџетот кој, меѓу другите, го составила и десничарската партија Шведски демократи.

Магдалена Андерсон им се обрати на новинарите и им рече дека во согласност со шведската политичка традиција поднесува оставка, бидејќи еден коалициски партнер се повлекол од владата.

– Му реков на претседателот на парламентот дека сакам да поднесам оставка како премиер – изјави Андерсон на новинарите, додавајќи дека е подготвена да се обиде повторно да освои мнозинство, како шеф на еднопартиска влада.

Поранешната министерка за финансии беше првата жена избрана за премиер на Шведска. За нејзиниот избор гласаа 117 пратеници, против беа 174, додека 57 од 349 пратеници на шведскиот Риксдаг беа воздржани. Според шведските прописи, доволно е за избор на премиер да не гласаат повеќе од 175 пратеници.

По оставката на Магдалена Андерсон, претседателот на парламентот ќе има консултации со сите претседатели на партиите, по што ќе одлучи кому ќе му го додели мандатот.

Аналитичарите сметаат дека тоа повторно ќе биде Магдалена Андерсон, која денеска официјално не ја презеде функцијата. Традиционалната конфирмација кај кралот Чарлс Шеснаесетти Густав беше закажана за в петок.

Функцијата технички премиер во моментов ја извршува Стефан Левен.