Станбените кредити пораснаа за 16,2 отсто

Растат заштедите, но и кредитите на граѓаните и фирмите. Податоците на Народна банка за август покажуваат дека вкупните депозити, на годишна основа, се зголемени за 9,9 отсто, додека вкупните кредити пораснале за 6,4 отсто.

Од Централаната банка велат дека раст на депозиртите има во двата сектора – корпоративен и домаќинства, но растот кај корпоративниот сектор е поистакнат.

Кај кредитите, пак, растот го обезбедиле домаќинствата кај кои  на годишно ниво е забележан раст од  7,9 отсто и се должи на зголемените кредити одобрени во домашна и странска валура, со поголем придонес на кредитите во денари. Кај корпоративниот сектор на годишна основа, е забележан раст од 4,5 отсто на кредитите.

Вкупните кредити, во август, на годишно ниво, бележат раст од 6,4 отсто, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во август, потрошувачките кредити, како една од најзастапените категории, на годишна основа се повисоки за 6,9 отсто. Станбените кредити се зголемени за 16,2 отсто.

Овој месец, кај автомобилските кредити е забележан  годишен пад за 17,5 отсто, додека кредитите одобрени на кредитни картички се намалени 9,9 отсто.

Негативните салда на тековните сметки, во август, се повисоки за 1,8 отсто, додека кредитите одобрени врз други основи бележат  годишен пад од  27,1 отсто.