Станиќ и’ донесе победа на Србија над Полска

Голманот на македонскиот ракометен вицешампион Металург, Дарко Станиќ е најзаслужен за триумфот на селекцијата на Србија од 20:19 против Полска на стартот од натпреварите во Групата Ц на Европското првенство во Данска.

Станиќ беше маестрален на голот на Србите едноставно откажувајќи ги Полјаците и во моментите кога имаа сериозна можност да дојдат до комплетен резултатски пресврт.

Во повеќе од драматичниот натпревар, ракометарите на Полска во финишот можеа да освојат бод, но Станиќ не го дозволи тоа и го заврши натпреварот со 17 одбрани.

Во составот на Србија по три гола постигнаа Стојковиќ, Зеленовиќ и Вујин, додека по два гола запишаа Тоскиќ, Момир Илиќ и Немања Илиќ.

На првиот натпревар од Групата Д на шампионатот Хрватска ја демолираше Белорусија победувајќи ја со 33:22 (16:11).
Хрватите немаа апсолутно никакви проблеми да стигнат до триумфот. Најдобри поединци кај „коцкастите“ беа Хорват и Чупин со по шест погодоци, додека Дувњак заврши со четири гола.

Денеска на првенството се играат натпреварите од А и Б група, а Македонија во 18,15 часот ќе ги одмери силите против селекцијата на Чешка.

Резултати: Група Ц: Србија – Полска, Франција – Русија 35:28,
Група Д: Хрватска – Белорусија 33:22, Шведска – Црна Гора 28:21.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.