Стапи на сила ембаргото на ЕУ на руските нафтени деривати

Забраната на Европската унија за увоз на рафинирани нафтени производи од Русија стапи во неделата на сила.

Според податоците на Eurostat, Русија по најавеното воведување на ембарго на увозот минатата година остварила големи приходи, а само во октомври во ЕУ извезла дизели и бензини во вредност од над 2,3 милијарди евра. Само Германија купила повеќе од четвртина од вкупното количество на увезените руски нафтени деривати, пренесува The Brussels Times.

Ембаргото ЕУ го договори ланскиот јуни во рамките на шестиот пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија во Украина. Договорот беше постигнат благодарејќи на воведувањето на исклучоци за некои земји членки кои се силно зависни од рускиот увоз и можеа да го блокираат носењето на ембаргото.

Ембаргото се надоврзува на забраната на увозот на руската сирова нафта со бродови, која е на сила од почетокот на декември. Земјите од ЕУ и групата Г7 по инсистирање на САД воведоа и лимит на цените на руските нафтени деривати. По преговарање беше постигната граница на цената на поскапите нафтени деривати, како што се дизелите, бензините и горивата за авионите на 100 долари, а на поевтините како машинското масло на 45 долари за барел.