Стапи на сила забраната за бурки во Австрија

Австриската забрана за носење на јавни места на традиционалните делови од облека кои кај муслиманските жени ги прекриваат целосно лицата, позната како „забраната бурка“, стапи на сила во неделата.

Австриската влада објави дека овој нов закон ќе помогне во потврдувањето на австриските вредности и во унапредувањето на интеграциите и покрај фактот дека во јавноста ретко може да се видат целосни прекривки за лицето.

На жените сега им е забрането да ги сокриваат своите лица во јавноста со носењето на бурката, којашто целосно го прекрива лицето, како и никабот, каде што само очите остануваат непокриени. Кршењето на законот ќе се казнува со глоба од 150 евра.

Овој нов пропис е дел од „пакетот за интеграција“ во политиките коишто ги покрена конзервативниот министер за надворешни работи и интеграции Себастијан Курц во обидот да победи на парламентарните избори на 15-ти октомври. Имено неговата Народна партија со месеци наназад води во анкетите и 31-годишниот Курц може да стане канцелар. Неговата изборна кампања е силно фокусирана на зауздување на имиграцијата и „растечката исламизација“ на австриското општество.

Во декември минатата 2016 година германската канцеларка Ангела Меркел повика на забра за прекривките за целото лице почнувајќи ја кампањата за четвртиот по ред мандат, откако беше жестоко критикувана и од нејзините сојузници за политиката на отворени граници за бегалците кога во Германија влегоа околу милиони баратели на азил главно од исламските земји. Во април годинава германскиот парламент се одлучи за ограничена забрана која се однесува само на јавните службеници и војниците на должност.

Германската покраина Есен, со која управуваат христијанските демократи на Ангела Меркел, на почетокот од февруари 2011 годинава стана прв регион во земјата каде жените вработени во јавниот сектор нема да смеат да носат бурки. Одлуката беше донесена откако една локална учителка побарала од нејзиното училиште да и’ дозволи да носи бурка на наставата по враќањето од породилното отсуство. Таа пред тоа не го носела традиционалниот муслимански вел.

На 12-ти октомври 2010 година во Франција, како прва европска земја, беше донесен а на 11-ти април 2011 година стапи на сила законот за забрана на носење на јавни места и на улици облека којашто претставува „целосен превез”, меѓу кои иранската паранџа, арапските никаб и бурка, прифатени и од пакистанските и авганистанските жени.

Сите видови на оваа исламска облека речиси целосно го покриваат телото на жената, а бурката дури го прекрива и целото лицето. Според законот, на жените за носењето ваков вид облека им се заканува казна од 150 евра и не смеат во таква облека да се појавуваат на улици, паркови, плажи, во продавници, ресторани, театри, железничките станици, административни и образовни институции, болници, музеи, библиотеки, спортски сали и во јавниот транспорт.

Законот за забрана на јавни места носење муслиманска традиционална облека за жени, бурка и никаб, со кои целосно се прикрива лицето, стапи на сила и во Белгија 23-ти јули 2011 година. За прекршување на забраната е предвидена казна затвор до седум дена и парична казна од 137,5 евра.

Различни забрани за користење на ваквите делови од облеката воведоа и Белгија, Бугарија, Холандија и Швајцарија во регинот Тичино, а Холандија забрани прекривки за лицето во јавните објекти.

Европскиот суд за човекови права потврди во јули годинава дека таквите забрани се легални, поздравувајќи ги ставовите дека луѓето треба едни на други да си ги гледаат лицата за да може да изградат нормални односи и да живеат во демократско општество.