Старее населението во светот, но и во земјава

    Глобалните трендови во светот покажуваат постојано стареење на населението. Во 2017 година во светот имало 962 милиони лица постари од 60 години, покажуваат податоците на ОН, што е е двојно повеќе од 1980 година кога имало 382 милиони. Прогнозите на ОН се дека до 2050 година оваа бројка повторно ќе се удвои и оти тогаш во светот ќе има близу 2,1 милиони лица постари од 60 години. Слични се состојбите, движењето и проекциите и за земјава.
    До 2030 година се очекува постарите лица да го надминат бројот на деца до 10 години, а до 2050 година ќе има повеќе лица постари од 60 години наспроти адолесценти и млади од 10 до 24 години или 2.1 милијарди наспроти 2.0 милијарди.
    Стареењето на популацијата според експертите се должи на намалување на фертилитетот и подобрувањето на условите за живот.

    Иако процесот на стареење е најзабележлив во Европа и Америка, каде што повеќе од едно од пет лица е над 60 години, податоците покажуваат дека населението старее и во другите региони.Во Европа до 2050 година се очекува 35 отсто од населението да биде составено од стари лица, во Северна Америка 28 отсто, 25 отсто во Јужна Америка и Кариби, 24 отсто во Азија, 23 отсто во Океанија и девет проценти во Африка.
    Од Обединетите нации препорачуваат како што се зголемува просечната вораст на населението, владите да имлементираат политики за да можат да одговорат на потребите и интересите на постарите лица како домување, вработување, здравство, социјална заштита и други форми на меѓугенерациска солидарност.

    Трендот на стареење на населението, кој е присутен во светски рамки, се забележува и во Република Северна Македонија. Во периодот од 1994 до 2015 година, учеството на населението на возраст од 0 до 14 години е намалено од 20,2 осто на 16,7 отсто, а учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 11,7 отсто на 12,8 отсто.

    Како и во другите земји така и овде намалениот фертилитет е една од причините. Така, според податоците на ДЗС во 1994 година биле родени 31.421 бебе, а умреле 15.649 лица, со што природниот прираст изнесувал 15.772 лица. За разлика од ова 2017 година биле родени 21.754, а умреле 20.318. Природниот прираст оваа година изнесувал само 1.436.
    Од илустрацијата на Државниот завод за статистика, објавена во публикацијата „25 години независна Македонија“, може да се види движењето на младото и старото население од 1994 до 2015 година, што упатува на тоа дека има постојано зголемување на бројот на стари лица, за разлика од трендот на постојано намалување на бројот на млади.

    Во 1994 година стари над 65 години имало околу 160 илјади, а во 2015 околу 260 илјади. Бројот на млади до 14 години, пак, е во постојан пад. Во 1994 година бројот на млади е близу 500 илјади, а во 2015 околу 350 илјади.

    Покрај намалениот фертилитет, како една од причините за стареењето на населението, односно менувањето на старосната структура во земјата, а особено во земјите од Источна Европа, но и од Западниот Балкан е емигрирањето на младото работоспособно население во други европски земји во потрага по подобра и повеќе платена работа.
    Иако во земјава постојано се зборува за заминување на голем број луѓе, особено млади, не постојат статистички податоци што би ја одразиле реалната слика на бројот на заминати.

    Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.