Стари војници или млади пензионери

2569

При носењето на Законот за служба во АРМ, пратеничката група на СДСМ го одби амандманот на ВМРО-ДПМНЕ, кој предвидуваше пензионирањето на вработените во АРМ да биде возможно или со 40 години стаж или со 50 години старост, а не кумулативно да бидат исполнети двата услови, како што предвидуваше во тоа време Предлог Законот.

Ова всушност беше/е едно од основните барања на голем дел од припадниците на АРМ, но и решение кое беше поддржано од синдикатите каде што членуваат припадниците на АРМ. СДСМ го одби амандманот со образложение дека на тој начин во пензија би отишле високо обучени и искусни кадри. Со ваквиот потег, СДСМ по којзнае кој пат ја покажа својата лицемерност, бидејќи на многу старешини на кои им одговараше пензионирањето, СДСМ им ветуваше дека законот ќе го направат токму така, да може да се пензионираат или со 40 години стаж или со 55 години старост, односно да исполнат само еден од условите, и работата е завршена. Сега кога овој амандман им беше понуден на тацна, тие го одбија со однапред подготвен изговор, но заборавија да ги кажат вистинските мотиви за одбивањето на амандманот.

Имено, учесниците во Шарената Револуција кои беа припадници на МО и АРМ, по доаѓањето на Шеќеринска, вртоглаво се искачија на високи функции, командни должности, добија чинови и се вгнездија на сите важни позиции од каде ги креираат и одбранбените и кадровските политики во МО и АРМ. Ваквата партизација во МО и АРМ не се случила никогаш досега, да биде партизирано од војник до генерал. Тие „шарени“ се истите кои го креираа законот, и оставија можност да го избегнат заминувањето во пензија и да уживаат во подарените чинови и позиции. Доколку СДСМ го прифатеше амандманот предложен од ВМРО-ДПМНЕ, практично СДСМ ќе ги пензионираше своите кадри, кои пак би ги изгубиле позициите кои им се награда за „револуционерното“ дејствување, но и за прифаќањето на срамното име на државата и промената на името на АРМ, за прифаќањето на двојазичните ознаки на АРМ, потенцијалната двојазичност во командувањето и којзнае што друго следствено.

Но, ајде за момент да го занемариме моментот на партизација и да се фокусираме на донесеното решение и неговите очигледни слабости и нерационалности. Со ваквата регулатива за остварување право на пензија потребно е да се исполнат два услови: да имате 40 години пензиски стаж и да имате 55 години старост. На овој начин се дискриминира персоналот од посебните специјалности (воени летачи, специјалци, падобранци, нуркачи и други) чиј пензиски стаж се смета со +6 месеци, односно 12/18, во однос на персоналот со сметање +3 месеци, односно 12/15 кој е во рамките на предлогот. Ако се направи анализа, се гледа дека офицерите со пензиско осигурување 12/15 ќе се пензионираат со 40 години пензиски стаж и 55 години старост, што значи дека за нив овие две норми се добро усогласени, додека офицерите со 12/16 на 55 години старост ќе имаат 43 години пензиски стаж (МО ќе преплати на ПИОМ за 3 години по лице).

Најлоша е состојбата кај офицерите од посебните специјалности со пензиско осигурување 12/18 кои на 55 години старост ќе имаат 48 години пензиски стаж (МО ќе преплати на ПИОМ за цели 8 години по лице). Кај подофицерите и професионалните војници состојбата е уште полоша, па ако реално претпоставиме дека просечно се активираат на 20 годишна старост, бројките велат дека лицата со пензиско осигурување 12/15 кои се мнозинство при пензионирањето на 55 години старост ќе имаат 44 години пензиски стаж (МО ќе преплати на ПИОМ за 4 години по лице); тие со 12/16 ќе имаат 47 год. (МО ќе преплати на ПИОМ за 7 години по лице); додека ПОф и ПфВ со 12/18 кои не се занемарлива бројка (околу 700 лица) при пензионирањето на 55 години старост ќе имаат 52,5 год. пензиски стаж, односно МО цели 12,5 години по лице ќе плаќа повеќе за ПИОМ од предвидените 40 години пензиски стаж, а овие лица имаат и поголеми плати од тие со 12/15 што значи плаќање на поголеми суми за плаќање за пензиско осигурување.

За крај, ако само моменталната бројка на персонал од посебните специјалности во АРМ изнесува 750-800, ќе се добие бројка која покажува дека МО само за овој персонал би преплатила во вредност на целиот персонал за 1 година (7.500 – 8.000 луѓе). Постапките на СДСМ во однос на овој закон, и особено кон одредбата која ја елаборирав, недвосмислено укажуваат дека за нив партизацијата и де-професионализацијата на одбранбените структури се наоѓа многу повисоко на нивната листа на приоритети споредено со професионализацијата и борбената готовност за одбрана на татковината.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.