Стариот ривал на Меркел кандидат за нејзин наследник

Фридрих Мерц, долгогодишен соперник и жесток противник на германската канцеларка Ангела Меркел во нејзината конзервативна Христијанско-деморкатска унија (CDU), планирада се кандидира за позицијата претседател на партијата, пишуваат германските медиуми.

Главниот експонент на десното крило во CDU по годините центристичка политика на канцеларката, сега станува можен кандидат за претседател на партијата, откако во понеделникот оставка на оваа должност најави сегашната претседателка Анегрет Крамп-Каренбауер, кога заминува во екот на кризата во партијата, но и политичка криза во владејачката коалиција.

Новиот претседател на CDU, воедно ќе биде и ткн „шпицен кандидат“, односно кандидат за канцелар на парламентарните избори кои редовно треба да се одржат кон крајот на 2021 година. Со тоа истовремено Мерц ќе има можноста да ја наследи Меркел на канцеларската должност којашто таа ја извршуваше повеќе од 15 години. Пред дваесетина години таа убедливо го победи на внатрепартиските избори.

Во анкетите CDU сѐ уште е најсилната германска партија, но има постојан пад, за што крилото на Мерц и партискиот помладок ја обвинуваат попустливата политика на Меркел по прашањето на миграцијата.

Шеесет и четиригодишниот Фридрих Мерц, адвокат по професија, е решителен во намерата да се кандидира на партиските избори кои може да се одржат пред почетокот на летото, пишуваат дневниот весник Bild и новинската агенција DPA.

Според аналитичарите, доколку Мерц биде избран следните месеци за претседател на CDU, со таков противник во својата партија канцеларката Меркел тешко ќе може да го заврши мандатот. Тоа може да доведе до предвремени избори, бидејќи коалицискиот партнер во „големата коалиција“ Социјалдемократската партија на Германија (SPD) многу веројатно нема да се согласува со подесната ориентираност на CDU под Мерц.