Старт на внатрепартиската кампања за претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ  

Деветмината претенденти за претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ од денеска ја почнуваат внатрепартиската промоција. Секој од кандидатите во следниот денови ќе има можност да се претстави пред членството и да ја промовира својата програма и залагања.

Во внатрепартиската битка за избор на претседателски кандидат како најсериозни кандидати за номинацијата влегуваат професорката Гордана Силјановска и пратеникот Влатко Ѓорчев. Својата промоција пред членството професорката ја почнува денеска од Ѓорче Петров.

На Силјановски, според информации од партијата, сепак и’ се дава фаворитска улога.

По официјализирање на нејзината кандидатура до ВМРО ДПМНЕ, професорката вчера објави видео порака на Фејсбук во која објаснува кои се нејзините мотиви за претседателска кандидатура.

„По долго размислување се одлучив да ја прифатам иницијативата на моите почитувани колеги“, рече професорката.

Таа  порача дека ја бара поддршката на сите.

„Она што ме водеше во одлуката беше свеста за насушната потреба во Република Македонија од глас на разумот, глас на правото, правдата и моралот, глас на вистинските европски вредности,“ вели Силјановска Давкова.

Изборот на кандидатот кој ќе ја бара довербата на изборите за шеф на државата ВМРО ДПМНЕ ќе го направи на Конвенција на 16-ти февруари во Струга каде право на глас ќе имаат околу 530 делегати.