Стартува планот на Заев: „Јадење живи луѓе“ во администрацијата

Премиерот Зоран Заев кажа дека на дел од јавната администрација ќе ѝ се заблагодарат, но дека ќе ѝ дадат можност да се преквалификува за да може да ја понудат во приватните компании.

Тој ова го кажа на презентација на буџетот за 2019 година во Стопанската комора, каде најави дека преку Агенцијата за вработување на компаниите ќе им понудат да ги земат дел од вработените во јавната администрација на преобука, а за тоа време додека трае обуката државата да обезбедува плати.

Со ова се потврдува претходната најава на министерот за информатичко општетсво и амдинистрација, Дамјан Манчевски дека во втората половина на следната година ќе има поголеми измени во администрацијата со нејзина реорганизација и оптимизација, процес кој би завршил во текот на 2020, со мал дел во 2021 година. Владата ќе ја спроведува реформата со препораки на Европската Унија и СИГМА и со помош на УСАИД и од УНДП.

Преку програмите на Агенцијата за вработување ќе им понудиме на приватните компании да преземат дел од јавната администрација, при тоа да им обезбедат соодветна обука, а ние сме спремни од 6 месеци до една година да им обезбдеиме плати додека трае обуката. Но, при тоа приватната компанија да гарантира дека по завршување на процесот на обука ќе го вработи адмимистративецот. Политиката која досега се водела има негативен удел во пополнувањето на јавната администрација. Мора да ја средиме јавната администрација, која е гломазна и неефикасна, кажа Заев.

Тој рече дека најавеното зголемување на платите од пет отсто за јавната администрација е планирано за септември, бидејќи во јуни завршуваат контролите од Европската унија.

Ако оценката е позитивна и почнеме претпристапни преговори, односно отвориме поглавје 23 или 24, тогаш ќе има зголемување на платите во јавната администрација, ако не – нема да има, рече Заев.

Според Заев од вкупно невработените во земјава има 110.000 активни баратели на работа, додека останатите се пасивни или се пријавуваат за невработени само поради здравственото осигурување.

На овие баратели на работа ќе им се понуди работа до три пати, ако одбијат и по третиот пат, ќе бидат избришани од списокот. При тоа ќе им понудиме преку активните мерки за вработување и дообука според она што го бараат компаниите, рече Заев.

Дел од бизнис заедницата забележа дека ѝ покрај најавите за дообуки и промени во образовниот систем што ги најави премиерот, пазарот на труд не функционира.

 

За некои можеби ќе биде и болен процес, но тоа е нешто што мора да се направи за да се стави ред на хаосот.  Тоа ќе значи укинување можеби на институции, намалување на бројот на менаџери, управни одбори и раководни лица. Во прв план да се обидеме на луѓето да им најдеме место во системот доколку анализата нормално укаже дека одреден  број на луѓе се прекубројни како што веќе најавуваме долго време ќе подготвиме една понуда до приватниот сектор и под одредени услови ќе се обидеме да ги префрлиме луѓето таму, рече Манчевски, пред десетина дена одговарајќи на новинарско прашање.

Тој ги презентираше првичните активности од спроведувањето на хоризонталната функционална анализа во администрацијата по усвоениот Акциски план со конкретни мерки и временска рамка на што пак претходеше мапирање на постојните институции. Прва направена е анализата на инспекциските служби, чии наоди укажуваат дека во одреден дел постојат преклопувања на надлежностите. Во случаите, пак, кога инспекциските служби се организирани во рамки на министерство или друг орган на управата, инспекторите често вршат и други работи и работни задачи кои не се нивна работа.

 

Од 1 август лани досега има одлив на 6.479  лица од администрацијата по различни  основи, како пензионирање, спогодбено, а од нив 901 сами си дале отказ. Бројот на вработени во јавниот сектор, како што рече Манчевски, се намалува и изнесува околу 125.000.