Стартува расправата за уставните измени, Заев уверен дека има 2/3 мнозинство

Од утре почнува втората фаза од уставните измени. Претседателот на Собранието, Талат Џафери за утре ја закажа седницата на која ќе се расправа за нацрт уставните амандмани.

Џафери, како што информираше на денешниот брифинг со новинарите, очекува оваа фаза од измените на Уставот да финишира околу 18 декември, по што би се почнало со третата и последна фаза.

За да се премине на третата фаза потребени се гласовите на 61 пратеник. По ова гласање  предвидено е Владата како предлагач на уставните измени треба да организира јавна расправа во траење од пет дена. Потоа, Владата има рок од два дена да испрати извештај до Собранието, по истекот на овој рок собранискиот спикер има рок од 30 дена да ја закаже седницата за конечно носење на амандманите за што ќе бидат потребни гласовите од 80 пратеници односно двотретинско мнозинство.

Очекувањата се дека оваа седница би се одржала кон средината на јануари кога би финиширал процесот на уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа за промена на името со Република Грција.

Премиерот Зоран Заев уверен е дека во моментот кога ќе дојде до финалното гласање за измените на Уставот ќе ги има потребните гласови. Заев очекува и други пратениците да дадат поддршка покрај оние што гласаа за отпочнување на процесот на промена на Уставот.

„Нацрт амандманите беа јавно објавени и беа дадени одредени сугестии, што помагаат многу и на Владата како овластен предлагач. Во следната фаза верувам дека постои можност и многу други пратеници да ги поддржат конечните амандмани, затоа што некои најавија дека еден дел од тоа е прифатливо. Грција нема проблем со тоа што се сугерира, барем во еден дел. Тука имаме една кохезивна алатка, но и процесот на помирување е сериозен кохезивен фактор, како и спроведувањето на реформите, изјави Заев.

Заев вели дека по измените на уставот очекува Договорот за името да биде ратификуван во грчкото собрание и да се стартува и имплементацијата на договорените рокови и обврски од страна на двете земји.

Во првата фаза од уставните измени двотретинското мнозинство го обезбедија гласовите на осуммина пратеници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, кои потоа беа исклучени од партија. Тројца од пратениците кои гласаа се обвинети за настаните во Собранието од 27-ми април, додека другите пратеници или нивни роднини се  под обвиненија од Специјалното јавно обвинителство. Подоцна, пратениците формираа независна пратеничка група чиј координатор е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска.