Статистика: Извоз од над 3,8 милијарди долари за 11 месеци

Вкупната вредност на извезените стоки од Македонија, во периодот од јануари до ноември минатата година, изнесува три милијарди 863 милиони 59 илјади долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во истиот период, вкупниот увоз во земјава изнесувал пет милијарди 981 милиони 590 илјади долари, по што покриеноста на увозот со извозот изнесува 64,6 отсто. Трговскиот дефицит во 11-те месеци од 2013-та изнесува две милијарди 118 милиони 531 илјади долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други моторни возила за превоз на лица.

Во периодот јануари-ноември минатата година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 со 72,6 отсто и земјите од Западен Балкан со 17,9 отсто, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 со 62,4 отсто и Останати земји со 11,6 отсто.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија односно 49,9 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.