Ставовите на Мицкоски за палестинско-израелскиот судир идентични со оние на САД и меѓународната заедница

Фејсбук статус на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ексалацијата на насилствата на Блискиот исток, особено запалливиот судир меѓу милитантните групации во палестинската енклава Појасот Газа и Израел ги разбранува страстите на социјалните мрежи. Се јавија радикални исламистички групации кои упатија закани до Мицкоски поради искажаниот став дека конфликтот треба да се реши, но и дека Државата Израел има право да се брани кога е нападната, од групација којашто меѓународната заедница ја ставила на листата терористички организации како што е палестинското исламистичко движење Хамас.

Меѓутоа, оние што ги следат меѓународните случувања, и особено историјатот на деценискиот палестинско-израелскиот конфликт препознаваат дека коментарот на Мицкоски кореспондира и со непроменетиот став на надворешната политика на САД и официјален Вашингтон во однос на овој конфликт, како и со ставот на поголемиот дел од меѓународната заедница.

Како што пренесоа светските агенции, американскиот претседател Џо Бајден во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во петокот, изрази разбирање за реакцијата на Израел по ракетните напади од Хамас.

„Моите очекувања и надежи се ова наскоро да заврши. Израел има право да се брани кога на негова територија стигнуваат илјадници ракети“, изјави Бајден по телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Администрацијата на претседателот Бајден претходните денови изрази загриженост и ги повика двете страни во конфликтот на итна деескалација. Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен уште на почетокот од седмицата го овласти својот специјален претставник Хади Амр да отпатува во регионот на средба со претставници на двете судрени страни. Притоа, Блинкен најостро ги осуди ракетните напади извршени од „терористичката организација Хамас“ од Појасот Газа врз израелски цивили.

Челничката на Европската комисија,  Урсула фон дер Лејен, исто така, го осудува дејствувањето на Хамас.

„Многу сум загрижена од ситуацијата во Израел и Газа. Јас ги осудувам неселективните напади на Хамас врз Израел. Цивилите од сите страни мора да бидат заштитени. Насилството мора да заврши сега”, порача дел Лејен во својата објава на Twitter.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека изјавата на нивниот партиски челник Христијан Мицкоски не се однесува кон палестинскиот народ, ниту, пак, кон муслиманите или, пак, арапското малцинство во Израел. Појаснуваат дека се однесува на правото на држава осведочен пријател на Македонија да ја заштити својата територија кога таа е ракетирана од милитнатни групации. За жал, и во последниот конфликт во Израел гинат и Палестинци и Евреи и Арапи, припадници на трите религии.

„Водедно и оваа прилика апелираме на прекин на огнот, наоѓање на заедничко решение и смирување на тензиите и насилствата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, од Министерството за внатрешни работи молчат за активностите на радикални екстремистички елементи во земјата и говорот на омраза кој беше насочен од центри на моќ кои работат во спротивност со стратешките интереси на државава и на македонските стратешки партнери. Запрепастува молкот од МВР кој не реагира и постапкува во насока на истражување на таквите закани и нивно санкционирање согласно важечките прописи. Истото тоа министерството на Спасовски кое го тресат изминатиов период силни скандали беше тоа кое го повлече и обезбедувањето на Мицкоски.

Новите судири дојдоа на Денот на Ерусалим, со кој според хебрејскиот календар се слави израелското освојување на Стариот град во источните делови на Ерусалим во Шестдневната војна од 1967 година. Тензиите изминатите седмици се зголемија и поради инсистирањето на деложирање на палестински семејства во кварот Шеик Џара во источен Ерусалим, на домовите на кои права полагаат еврејски семејства.

Од ноќта кон понеделникот ситуацијата на границата меѓу Израел и Појасот Газа остро ескалираше. Израел изведе удари во палестинската енклава, како што соопшти војската врз 600 борбени позиции и стратешки цели на Хамас и милинтантите од Исламски џихад. Израелската војска тврди дека усмртила меѓу 80 и 90 палестински милитанти и тврди дека тие истрелале 1.800 поректили врз Израел од кои 430 паднале на територијата на Газа поради што веројатно се цивилните жртви. Според министерството за здравство во Газа, во воздушните удари убиени се 103 Палестинци, од кои 27 деца и седум жени. На израелската страна од почетокот на судирите, загинале шест израелски цивили, од кои едно дете и две жени а една жртва е индиски работник, како и уште еден војник во патрола на граничната линија.