Ставрески: Буџетот е во добра кондиција

Буџетот е во добра кондиција и е во рамки на планираните параметри, истакна министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески.

Тој посочи дека исплатата на субвенициите за тутун секогаш повлекува повисоки расходи на буџетот, меѓутоа во текот на останатиот дел од годината има помали расходи така да засега цифрите не бараат никакви пресметки за ребаланс.

„Ако има потреба во иднина како и секоја година ќе се пристапи кон ребаланс. Но засега и приходната и расходната страна на буџетот се во рамките на планираното и моите очекувања се дека и во следните месеци ќе остане така“, истакна Ставрески.

Министерот посочи дека е добро што со завршувањето на изборите се враќаме на нормалното извршување на функциите и за приватниот сектор најдобро е кога има подолгорочна предвидливост на политиките.

„Сега приватниот сектор знае што го очекува, Македонија и понатаму ќе има најниски даноци, ќе има висок износ на инвестиции од буџетот и сето тоа создава добар амбиент за економскиот раст да се оствари во рамките на предвидувањата, а со тоа и буџетот да биде во рамките на планираните големини“, заклучи Ставрески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.