Ставрески: Десетици илјади граѓани ќе се спасат од извршители со отпис на долговите

Отписот на долговите ќе им помогне на десетици илјади најсиромашни граѓани во Република Македонија кои поради последиците од кризата останале без работа или пак едноставно се во рамките на групата на социјалните категории, изјави денеска во Струмица вицепремиерот и министер за финансии и носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица.

Додаде дека со оваа мерка во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат опфатени сите социјални случаи, примателите на социјална помош, семејствата каде што има двајца невработени или пак ако е еден невработен и живее сам и нема дополнителни приходи поголеми од минималната плата во Република Македонија и ако во семејството се случила смрт или тешка болест која што ги оневозможила луѓето понатаму да ги плаќаат обврските.

Обврските, појасни, се однесуваат на сметки за електрична енергија што се постари од 12 месеци, за сметки што се за парно, за радиодифузна такса и исто така ќе бидат опфатени долговите на граѓаните кон банките по основ на минусни салда на тековни сметки, кредитни картички и потрошувачки кредити.

„Граѓаните токму од ова имаат тежина од бројни блокади и извршни решенија и ние во контакти со нив, на идеја на граѓаните, практично на барање на граѓаните, ја ставивме оваа мерка во програмата и таа ќе биде од голема корист за најсиромашните категории луѓе оние кои навистина не можат да ги плаќаат обврските. Државата ќе помогне на тој начин што ќе ги ослободи ЕВН, банките и останатите економски субјекти од плаќање данок во една или повеќе години зависно од вкупниот износ, а за сметка на тоа пак тие ќе им ги отпишат долговите на граѓаните,“ истакна Ставрески.

ИЗВОР МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.