Ставрески: Градежништвото и натаму ќе биде мотор на економијата

Експертите очекуваат македонската економија да го надмине и предвидениот раст од 3,5 проценти.Стопанството е веќе заживеано и индустријата фати добар залет, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, во своето гостување во дневникот на МРТ.

„Тоа е резултат од низа мерки кои ги реализиравме изминатиов период. Пред се, обезбедувањето на кредитната линија од Европската инвестициска банка со 5,5 отсто камата, силната поддршка што ја даваме преку капиталните инвестиции, влезот на странските инвестиции и ниските даноци, односно ослободувањето на домашните фирми од плаќање на добивка. Дел од нив тие средства ги искористија за нови инвестиции и за зголемување на производството. Добро е што индустријата расте, расте и градежништвото, значи сектори кои реално создаваат вредност, сектори кои создаваат производ. Ние веќе извезуваме производи кои се технолошки понапредни. Тоа се добри знаци за не само раст во овие неколку месеци, туку и дека има потенцијал за долгоречен раст на македонската економија,“ рече Ставрески.

Во интервјуто за националниот сервис, вицепремиерот посочи дека градежништвото и натаму ќе биде мотор на економијата.

„Градежништвото минатата година ја заврши со преку 30 проценти раст за првите 9 месеци и веројатно така ќе ја заврши годината. Од друга страна допрва започнува изградбата на двата нови автопати Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, што заедно со автопатот на Коридорот 10 и пругата кон Бугарија, допрва ќе влијае позитивно врз БДП-то. Јас очекувам најмалку еден процентен поен повисок да е БДП секоја наредна година од она што е очекувана редовна стапка, само како резултат на овие 4-5 крупни проекти. Ако на тоа се додаде и вкупниот износ на средства од Буџетот кои ги обезбедивме за инфраструктурни проекти, преку 365 милиони евра, значи ќе се гради болница во Штип, ќе се гради Клинички центар во Скопје, училишта, спортски објекти, водоводи и канализации. ЕЛЕМ и МЕПСО ќе инвестираат во енергетскиот сектор. Секако се собира околу 700 милиони евра годишно да влезат во инфраструктурни проекти, а тоа значи работа за домашните градежни фирми, но и за голем број на индустриски капацитети, мали и средни фирми кои ги снабдуваат градежните фирми како подизведувачи,“ рече Ставрески за МРТ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.