Ставрески: Интернет апликациите мора да се користат претпазливо, да се внимава каде се споделуваат лични фотографии

Во вечерашното издание на „Топ Тема” гостуваше новиот началник на СВР Скопје, Ристо Ставревски. Началникот посочи дека откако е тој на функцијата имал сличен случај на оној кој деновиве е актуелен во Република Македонија, односно случајот „Јавна соба”.

Се работи за девојка која била уценувана од нејзиното поранешно момче кое поседувало фотографии од неа и за истите ја уценувало со изнуда на пари. Ставревски посочи дека случајот е разрешен и дека против уценувачот е поведена постапка.

Ставрески напомена дека случајот „Јавна соба” ниту малку не е наивен, поради тоа што таму се споделувале фотографии од малолетни лица кои не се информирани за тоа, ниту пак знаат дека таква група воопшто постои. Воедно началникот образложи дека интернет криминалот неколку години наназад е во подем поради многу интернет апликации кои ги поседуваат голем процент од луѓето кои користат мобилен телефон. Поради тоа повикува на претпазливост и пријавување на вакви случаи доколку се поседуваат одредени информации поврзани за ваков чин.

„Ние како СВР Скопје стоиме на располагање на граѓаните за сите проблеми кои што се во доменот на СВР Скопје. Ќе ги вложиме сите ресурси со цел решавање на овој случај, кој несомнено ќе остави трага на многу од засегнатите, односно оштетени лица. Сепак, ќе потенцирам дека сите кои користат вакви апликации, мораат да бидат претпазливи за да не доаѓа до вакви ситуации кои ни малку не се пријатни”, додаде Ставрески.

Република Македонија се соочува со интернет и економски криминал многу години наназад, но опасноста не била до ова ниво од причина што изминатите неколку години се појавени многу нови социјални мрежи, апликации, интерни апликации кои можат да се користат за многу работи, меѓу другото и за вакви непристојни чинови кои никако не смеат да се дозволат во иднина. СВР Скопје ќе се посвети на разрешување на овој случај и ќе активира полициски соработници кои ќе ја следат ситуацијата и ќе дојавуваат доколку се пронајдат нови слични комуникациски групи, заврши Ставрески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.