Ставрески: Исполнето ветување, жителите на Пиперово ќе добијат фекална канализација

За околу една година населеното место Пиперево во општина Василево ќе добие систем за фекална канализација. Реализацијата на проектот започна денеска, а стартот на градежните работи го означи министерот за финансии Зоран Ставрески.

Со поставувањето на камен темелникот, воедно започна и реконструкцијата на главната улица во Пиперево. Најголемиот дел од средствата за двата проекти се обезбедени преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

„Вкупно инвестицијата е околу 450 000 евра од кои добар дел обезбеди Владата преку програмата за рурален развој, а еден дел од средствата и локалната власт така да со заеднички сили реализираме проекти кои што се значајни за подобрување на животот на граѓаните. Ова беше наше предизборно ветување, беше ставено во програмата и како и секогаш настојуваме она што е ставено во програмата да се испочитува, да се изреализира“, изјави Ставрески.

Градоначалникот на Василево посочи дека со реализацијата на овие проекти се затвора едно од најзначајните прашања за жителите. Покрај системот за канализација тие ќе добијат и комплетно нов лик на центарот на селото.

 

Оваа година во општина Василево преку програмата за рурален развој ќе бидат реализирани вкупно шест проекти за кои од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој беа одобрени средства во висина од околу 700 000 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.