Ставрески: Македонија е меѓу петте најуспешни земји во Европа

Успеавме да ја заздравиме македонската економија, остваривме околу три проценти економски раст, раст кој е четврти највисок во Европа. Нема земја во ЈИЕ која има поголем економски раст, а добро е кога Македонија е меѓу 4-5 најуспешни во Европа. Таквиот економски резултат е последица на добропоставените политики на Владата.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната трибина организирана за граѓаните во Пробиштип.

Ставрески пред присутните се осврна и фактот дека Македонија е четврто најниско задолжена земја во Европа и е рангирана на 25-то место од Светската банка според условите за водење бизнис, односно земјата е подобра од 20 земји кои се членки на Европската Унија.

„Сите овие услови за приватниот сектор, овозможија низ години да се намали стапката на невработеност. Македонија е една од ретките земји што успеа да ја намали невработеноста, стапката на невработеност во 2006 година изнесуваше 38 проценти, денес после услови на светка и економска криза е 28,8 проценти, не сме се уште задоволни и сметаме дека со малку подобри услови во европската економија ќе успееме уште да ја спуштиме невработеноста,“ посочи вицепремиерот.

Тој додаде дека странските инвестиции во се поголем број доаѓаат во земјава, пред се познати светски компании кои инвестираат и во внатрешноста на Македонија, а најави и почеток на нова странска инвестиција во Кочани која ќе отвори преку 1.000 работни места.

Ставрески воедно истакна дека многу претходни влади ја пропуштиле можноста да се отворат нови фабрики.

„Разочарувачки е ако се погледне стилот на работење на нашата опозиција, и ден денес конкурентите останаа на истото ниво, мислам на прилично неодговорно однесување и со исти политики, тие даваат лесни ветувања кои подоцна не можат да ги исполнат,“ нагласи министерот за финансии.

Ставрески се осврна и на капиталните инвестиции и посочи дека преку изградба на патишта, железничка инфраструктура, инвестиции во училиштата, здравството, изградба на спортски сали, на културни објекти, на водоводи и канализации во градовите и селата, се активираат стотитци македонски фирми.

За идната година согласно планираните проекции на буџетот, се предвидени зголемување на пензиите од мартовската пензија за 5 проценти, како и исто толкаво зголемување на социјалните надоместоци.

Зголемување од пет проценти на платата ќе добијат и вработените од јавниот сектор со октомврискта плата идната година, а за 2014 планирани се 140 милиони евра субвенции за земјоделците.

Покрај Ставрески на трибината пред граѓаните во Пробиштип се обратија и министерот за здравство Никола Тодоров, заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски, пратеникот Влатко Ѓоргев, како и градоначалникот на Пробиштип Тони Тоневски.