Ставрески: Наше дело се 119.000 нови работни места

Зоран Ставрески, носител на листата на изборна единица 4, од граѓаните побара масовна излезеност на претстојните избори, на кои довербата ќе се даде на оние кои зад себе имаат дела и исполнети ветувања.

„Во следните 20 дена многу политичари ќе излезат да зборуваат и да го добијат вашиот глас. Како да се направи вистинскиот избор? Знам дека вие знаете како да го направите изборот. Вистински избор ќе го направиме ако освен она што се нуди како проекти, ги вреднуваме и луѓето кои стојат зад делата и партијата ќе го побара од вас. Проценете дали ви бараат верба на слепо или доверба. Не е исто. Треба да се препознае дали некој слепо бара да верувате без да има дела зад себе или бара доверба со дела зад себе. Некој ќе ветува брда и планини иако не испорачал ништо, иако реално знае дека е неостварливо. Некој ќе ветува и ќе бара да му верувате,а кога имал можност да направи нешто, не направиле. Класичен пример е 15 септември и еден вработен во секое семејство. Пругата кон Бугарија, лопатите на патот Велес-Прилеп. Ќе има ли некој верба после сето ова?,“ рече Ставрески.

Ставрески од своите гласачи ја побара довербата не само заради ветувањата, туку и поради сработеното.

„Така се дава доверба и значи гаранција дека она што ќе го кажеме денес ќе го оствариме во следните 4 години. Ние работиме со програма, датум за реализација, отчет. Тоа е чиста сметка со нас. Така е и новата програма, најдобра и најквалитетна досега во историјата на Република Македонија. Наше дело е 119.000 нови работни места, 2 милијарди евра странски инвестиции. И во најголема криза доаѓаа странски инвеститори. Дрекселмаер со 4.000 вработувања, 4.000 млади луѓе. Кромберг и Шуберт со нови 1.200 места, Џонсон контролс со 1.200 места, Амфенол со 1.500 работни места, скопските Џонсон Мети, Кемет, Џонсон контролс, Технокозе и други. Знаеме кои се најголемите проблеми и многу луѓе чекаат вработување. Наследивме проблем со невработеноста од СДСМ. Го имате наш збор, во следните 4 години со програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се реализираат 64 илјади нови вработувања,“ рече Ставрески.

Тој потсети на растот на пензиите, субвенциите за земјоделците и најниските даноци во Европа.

-Наше дело е растот на пензиите. СДСМ ве поделија на три групи и на крај скинаа 8%. Првата недела секој месец со нас стигнува пензијата. Мартовската е зголемена за 600 денари, претходно се зголеми за 62 %. Дадовме 550 милиони евра на земјоделците, имаме најниски даноци во Европа. Македонија е во топ реформатори. Бевме на чело на земјата кога беше најтешко. И земјите во Европа клекнаа на колена. Кај нас се зголеми вработеноста. Во светот се зголеми старосната граница, ние ги зголемивме пензиите. Тоа се нашите дела, во криза ја градиме земјата. Луѓето се најзначајни во довербата. Од една страна се губитниците Заев, Шеќеринска, Хари Локвенец и други. Кои губеа неколку избори по ред, затоа што го лажеа народот, ветуваа и не исполнуваа. Луѓе без образ, без чесност и искреност. Од друга стана го имате тимот на премиерот Никола Груевски, во кој се Јанкулоска, Тодоров, Милошоски, Попоски и сите драги колеги. Тоа е нашиот тим и тимот во кој е и нашиот претседател Ѓорѓе Иванов.

Ставрески ја побара довербата од своите гласачи, а посебно од четвртата изборна единица, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Гевгелија, Радовиш, Неготино.

Тој повика на масовна излезеност на 13 и 27 април и ги покани граѓаните на Република Македонија гласот да го дадат за делата и луѓето кои направиле нешто за нив.