Ставрески: Нови 5.000 работни места во Кавадарци

Околу пет илјади работни места носат во Кавадарци две крупни странски инвестиции, фабриките „Дрекслмаер“ и „Кофикаб“. Досега се реализирани речиси три илјади работни места во првата од нив. Ова синоќа го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на партиската трибина во Кавадарци. 

Тој информира дека странските инвестиции во Македонија со десетици илјади вработувања се резултат на заложбите на македонската Влада за привлекување на инвеститори од странство.

„Таквите инвестиции ги има во сите региони од државата“, рече Ставрески. Додаде дека во програмата, во оваа фаза, се предвидени  разговори со уште 10-15 инвеститори. Ставрески потсети дека оваа Влада во изминатите неколку години реализираше бројни проекти во сите сфери на живеење, а се со единствена цел да се подобри животот на граѓаните.

Нагласи дека Македонија остави зад себе уште една успешна година за разлика од многу други земји кои се бореа со рецесија. Укажа на добрата поставеност на главните економски политики и партнерскиот однос, како со  компаниите, работодавачите и синдикатите, така и со  земјоделците. Тој се осврна на мерките на Владата кои, како што рече, му помогнаа на стопанството полесно да се справи со кризата.

„Единствено во земјава не беа зголемени даноците во изминатите неколку години кои и понатаму остануваат најниски во Европа“, рече Ставрески.

Тој потсети на предвидените инвестиции  финансирани од републичкиот буџет за оваа година. Спомена дека 140 милиони евра се наменети за македонските земјоделци и додаде оти продолжува силната поддршка во земјоделството.

„Тоа покажува дека станува збор за Влада која никогаш нема да ги напушти земјоделците и нема да штеди на земјоделците. Ќе се штеди на друго,  таму каде што може и треба, но не и во земјоделството“, потенцира Ставрески.

Зборувајќи за се она што е направено во образованието, Ставрески најави дека е планирано со учебната 2014/2015 година да се изврши корекција и усогласување на учебниците што се користат од прво до петто одделение со содржини кои се користат во Велика Британија, како  земја со еден од најнапредните образовни процеси.

Тој рече дека соработката со локалната власт во Кавадарци е одлична и оти се настојува да се решаваат и приоритетни прашања од локалниот економски рзвој, како што е решавањето на проблемот со водоснабдувањето во овој град. Договорена е изградба на нова детска градинка во Кавадарци, за што веќе се обезбедени и 420 илјади евра.