Во Болницата во Струмица во изминатиот период се инвестираа значителни средства во нова опрема, а во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ предвидени се 135 милиони денари за довршување на реконструкцијата на болницата, односно изградба на крилото каде што ќе има шест нови операциски сали и подобри услови за извршување на оперативните зафати.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии и носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Четвртата изборна единица Зоран Ставрески при денешната посета на Болницата во Струмица.
„Во болницата се купи апаратот за компјутерска томографија, ангеограф, рендген апарат, инкубатори и други потребни средства во висина од преку два милиони евра, опрема што помогна да се подигне квалитетот на здравствените услуги. Во исто време се реновираше најголем дел од болницата каде што се создадени и подобри услови за пациентите, како и за здравствениот кадар кој работи тука. Такви инвестиции ќе продолжат и во следниот период“, истакна Ставрески.
Позитивно го оцени тоа што се работи и на обука на кадарот, односно подигнување на квалитетот на кадарот, што според него дава сигурност дека во следниот период струмичката болница ќе биде навистина регионален центар и ќе може да пружа здравствени услуги коишто во минатото ги немало.