Ставрески: Во буџетот секогаш ќе има пари за земјоделците

Минатата година за лозарите беше добра, а се очекува и годинава да бидат задоволни. Субвенциите се исплатени во целост за 2013 година, а поддршката на Владата за лозарите и за земјоделството продолжува и понатаму.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска пред лозарите во Неготино каде по повод празникот свети Трифун присуствуваше на закројување на виновите лози.

Вицепремиерот истакна дека на лозарите за 2013 година им се исплатени 386 милиони денари на 12.615 лозари, од кои 105 милиони се за лозарите во Неготино.

„Тоа ја покажува грижата на Владата за лозарите“, рече Ставрески и додаде дека за земјоделците секогаш во Буџетот ќе има пари, пренесе МИА.

Додаде дека субвенциите не се единствената грижа на Владата и локалната власт, туку дека се грижат и за останатите сегменти од целокупното живеење на сите граѓани во коишто исто така има резултати.

Потсети на ефектите од отворањето на германската инвестицијата „Дрекслермаер“ во Кавадарци во која се вработени 900 лица од Неготино, што според вицепремиерот ја покажува грижата на Владата на Република Македонија за отворање на нови инвестиции, фабрики и доделување субвенции.

„Континуирано ќе продолжиме со грижа кон сите граѓани на државата и подобрување на нивниот живот од сите аспекти“, нагласи Ставрески.