Ставрески: Во Македонија се почитуваат законите

Во Македонија законите се почитуваат, ограничено е колку пари смее да се пренесат  преку граница во готовина, а исто така постојат обврски за банките за секоја трансакција над 10.000 евра да биде пријавена во  Управата за спречување перење пари, рече денеска вицепремоерот и министер за финансии Зоран Ставрески во одговор на прашање од пратеничката Радмила Шекеринска на денешната седница во Собранието.

Шекеринска  се осврна на, како што наведе, корупцискиот скандал во Турција и повикувајќи се на тврдење на директор на Халк банк оти од дел од парите што во кутии за чевли биле најдени кај него дома, милион евра биле наменети за Македонија, праша како тој износ пари стасал од адреса во Турција во Македонија и за кого биле наменети. Изнесе и тврдење дека во последните четири години просекот на нелегални финансиски трансфери  е милијарда и 24 милиони долари и праша на што се должи, како што рече, драстичниот пораст на тој износ за двапати во однос на претходните четири години.

Според Ставрески, пратеничката  Шекеринска  изнела многу големи зборови и бројки, а малку аргументи, а со прашањето бара  коментирање политички случувања и истражна постапка во друга држава, односно во Турција,  базирана на изјави што воопшто не се истражени до крај и за што кажала многу шпекулации за кои не понудила аргументи.

„Ако располагате со информација којашто е сигурна дека се пренеле нелегално милион евра имате обврска тоа да го пријавите. Универзитетите се финансираат  од донации, но тоа не значи дека трансакцијата е направена по нелегален пат. Сето друго претставува ваша шпекулација бидејќи немате ниту  еден доказ ниту пак кажавте на база на што ги изнесувате овие квалификации“, рече Ставрески.

Вицепремиерот го оквалификува како хипотетичко и прашањето  на Шекеринска и за нелегалните трансфери. Шекеринска, како што рече, не го кажала изворот за бројките на кои се повикува.

Шекеринска укажа оти станува збор за институцијата Фајненшл интегрити, која била најреспектабилна за следење нелегални пари и посочи дека името го кажала уште во тек на расправата за Буџетот за 2014. Директорот на Халк банк, тврди Шекеринска, рекол дека парите со потешкотии успеале да ги испратат во Македонија.