Ставрески во Неготино: Нашата борба е цела Република Македонија да има инвестиции

 

Нашата борба е цела Република Македонија да има инвестиции и посебно сме задоволни кога тие инвестиции се случуваат во помалите места, а не само во Скопје.

Ова го истакна министерот за финансии Зоран Ставрески, на вечерашната трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино, која се одржа во рамки на проектот „На Македонија и’ треба твојата идеја“.

Што повеќе инвестиции во Струмица, Прилеп, Кичево, Охрид, Тетово, во Куманово и на другите места, толку подобро, толку повеќе проблеми ќе решиме. Стотици луѓе од Неготино значи стотици семејства. Тоа е главната промена што се случи во овој регион со новите инвестиции, едноставно се врати перспективата на луѓето, што е основната работа за успех во животот. Меѓутоа нашата грижа за подобрување на животниот стандард на граѓаните не е само во делот на инвестициите, многу се работи и се посветува внимание во сите сегменти.

Ставрески подвлече дека се води грижа за сите категории на граѓани.

Значајни инвестиции, додаде Ставрески, се прават во образованието, спортот, здравството… во сите други области.

Потенцираше дека опозицијата е прилично деструктивна, бидејќи нема проекти и се што се слуша од нив се само напади, навреди и шпекулации.

Едноставно во СДСМ има недостаток од идеи и проекти, а тој недостаток произлегува од тоа што партијата многу малку време посветува на граѓаните. Не може да имаш идеи и проекти ако не се дружиш со граѓаните или ако не побараш од граѓаните совет и мислење. Програма не се прави од канцеларија, никој во канцеларија не знае да ја направи сам програмата и токму затоа сме ние меѓу народот, затоа сме тука и секаде низ Македонија. За да побараме од граѓаните идеи, совети, мислења за да влезе во следната програма на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се работи за значаен документ. Низ годините се виде дека за ВМРО-ДПМНЕ програмата е како светост, ако нешто влезе во програмата тоа задолжително мора да се реализира. Граѓаните знаат дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ го ветува, тоа и го исполнува, рече Ставрески пред неготинчани.