Стејт департмент: Русија потрошила 300 милиони долари за тајно да влијае врз светската политика

Русија од 2014 година тајно потрошила повеќе од 300 милиони долари за да се обиде да влијае врз политичари и официјални лица во повеќе од дваесетина земји, се наведува во новообјавената телеграма на Стејт департментот.

Депешата, што денеска е објавена, ја прикажува новата разузнавачка проценка за тајните глобални напори на Русија да ги поддржи политичарите и партиите кои Москва ги смета за корисни за неа. Таа не наведува конкретни руски цели, но вели дека САД даваат доверливи информации на одреден број земји.

Ова е последен обид на администрацијата на претседателот Џо Бајден да декласифицира разузнавачки информации за руските воени и политички цели откако беа направени проценките, кои на крајот се покажаа точни, дека Русија ќе почне војна против Украина.

Многу високи американски безбедносни функционери имаат долгогодишно искуство во спротивставувањето на Москва и служеле во владата кога рускиот претседател Владимир Путин почна обемни кампањи за да влијае врз претседателските избори во САД во 2016 и 2020 година.

Американските медиуми пренесуваат дека висок владин функционер укажува на наводи за руското влијание на неодамнешните избори во Албанија, Босна и Црна Гора, источноевропски земји кои историски се под притисок од Москва.

За разлика од објавените напори на странските земји да лобираат за иницијативи што им се допаѓаат, прикриеното влијание на Русија вклучува употреба на различни организации преку кои се влеваат пари во избрани политики или политичари, се наведува во дипломатската депеша.

Тука се мисли на институти во Европа и државни компании во Централна Америка, Азија, Блискиот Исток и Северна Африка.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс ваквото тајно руско финансирање го нарече „напад врз суверенитетот“.

-Тоа е обид да се намали способноста на луѓето ширум светот да избираат влади за кои веруваат дека најдобро ќе ги претставуваат, ќе ги застапуваат нивните интереси и нивните вредности, рече Прајс.

Стејт департментот го презеде невообичаениот чекор со објавување на дипломатска телеграма испратена во понеделникот до многу американски амбасади и конзулати во странство, многу од нив во Европа, Африка и Јужна Азија, во која се наведени нејзините грижи.

Според текстот, разузнавачките службеници веруваат дека Русија планирала да префрли уште најмалку неколку стотици милиони долари за финансирање на партиите и функционерите ширум светот кои ја симпатизираат.

Во соопштението меѓутоа, не се наведува како стигнале до вкупната бројка од 300 милиони долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.