Стефан Јанев: Нема промена во ставот на Софија, Скопје не ги исполнува своите обврски

Нема промена во ставот на Бугарија, нема ништо што јавноста не знае, изјави привремениот премиер Стефан Јанев во одговор на прашање од пратеник од Има таков народ во Народното собрание во врска со преговорите на Македонија за членство во Европската унија.

Јанев посочи дека во средата на состанокот на Советот на министри донеле став кој следната седмица во Брисел ќе биде претставен пред Советот за општи работи.

„Она што го гледаме, медиумскиот ентузијазам што го покажаа странските лидери или странски медиуми, мислам дека не треба длабински да го коментираме во бугарскиот парламент, бидејќи од оваа говорница не можеме да им кажеме на нашите колеги од соодветните влади што и како да направат“, коментираше Јанев.

Истакна дека позицијата на Бугарија за Македонија, но и за целиот регион на западен Балкан е постојана и непроменлива.

„Нашиот став е дека не само Република Северна Македонија, туку и западен Балкан, како регион, ја заслужува својата европска иднина, а Бугарија низ годините не само што се изјасни, туку и придонесе за подготовка на овие земји на нивниот пат кон европска иднина“, рече Јанев.

Во однос на Македонија, додаде, факт е дека во 2017 година потпишавме договор за добрососедство и соработка.

„Нашите тврдења како држава се, додаде тој, дека таа не ги исполнува своите обврски“, рече Јанев.

Посочи дека бугарската позиција е позната, јавна, со ткн „пет плус една“ точка.

„Ова е шемата по која може да продолжат разговорите и се надеваме на добронамерниот однос на нашите колеги од Северна Македонија за да се постигне овој неопходен дијалог, да се надминат разликите за да се одреди датум за првата конференција и, соодветно, да отпочнат преговорите на оваа земја со ЕУ“, додаде Јанев.