Стефан Марковски добитник на наградата „Крсте Чачански“

419

Наградата „Крсте Чачански“ за необјавена книга раскази, годинава ја доби ракописот „Смртта долетува насмевната“ на Стефан Марковски.

Седми пат наградата ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.

По објавениот Конкурс што го распиша Културниот центар „Бран“ од Струга и Ревијата за книжевност „Бранувања“, жирито за доделување на наградата „Крсте Чачански“ за 2017-та година едногласно одлучи наградата да ја додели на збирката раскази „Смртта долетува насмевната“ од Стефан Марковски.

„Триесетте кратки раскази од збирката „Смртта долетува насмевната“ од Стефан Марковски преку комичност, упростеност и хетерогеност од раскажувачки стилови и фабули се исполнети со впечатливи ликови, разговори и настани со возбудливи и постојани пресврти. Тие ефектуираат една нова поетика на апсурдната реалност која со себе го носи печатот на модерноста во која авторот живее, твори и творејќи експериментира со нови книжевно-експресивни облици“, стои во образложението на членовите на жирито.

Познатиот српски писател Срѓан Тешин за расказите на Марковски подвлекува: „Јазично и стилски одлично обликувани, а повеќето и изразито духовити, приказните на Стефан Марковски нудат и еден посебен квалитет кој ги одликува само врвните мајстори на раскажувањето: тие секогаш имаат отворен крај, кој на читателите им овозможува бескрајни интерпретативни проширувања, што ги чини интригантни и заводливи“.

Досегашни добитници на наградата „Крсте Чачански“ се: Христо Петрески, Милован Стефановски, Петре Димовски, Марина Мијаковска, Добре Тодоровски и Васил Тоциновски.

Наградата на Марковски ќе му биде врачена на 7 јули во спомен-куќата на Миладиновци, во 12:00 часот во Струга во рамки на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби – 2017“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.