Штефан Петер: Се подобрува климата за инвестиции

Сите сакаме брзи реформи, но некогаш е подобро постепено да се направат стабилни реформи за да можат и компаниите да ги следат.

Владата е позитивно настроена кон инвеститорите, веќе направи некои активности, а планот за економски раст е една, оцени денеска Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори, при Стопанската комора на Македонија и претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, Петер порача дека не сака да дава оценки за Владата на половината од нејзиниот мандат и нагласи дека во „Белата книга” на Советот за странски инвеститори од декември минатата година, има неколку препораки што им се предочени на премиерот и вицепремиерот за економски прашања.

Климата за инвестиции се подобрува чекор по чекор. Сите сакаме брзи реформи, но некогаш е подобро постепено да се направат стабилни реформи за да можат и компаниите да ги следат. Советот на странски инвеститори во „Белата книга” укажа какви се очекувањата од бизнис опкружувањето и од стабилноста во владеењето на правото, рече Петер.

Тој додаде дека се очекува да продолжи растот на економијата со засилено темпо до крајот на годинава, но и во 2020 година.

„Економскиот раст не доаѓа од еден во друг месец, туку се потребни години. Сите заедно – домашните компании, странските инвеститори и Владата треба да работиме во таа насока“, посочи Петер и нагласи дека бранот на добрата економија во ЕУ е солидна почетна точка за добра економија и во Северна Македонија.