Стефан Сежурне: Претседателот Макрон одлучи да го претвори самитот во Загреб во успех

Доколку се ревидира методологијата на проширување и доколку Унијата напредува во сопствената реорганизација преговорите на Северна Македонија со Унијата можат да се отворат мошне брзо, а и францускиот претседател Емануел Макрон одлучил Самитот во Загреб во мај да го претвори во успех.

Ова го порача Стефан Сежурне, француски европратеник од партијата на францускиот претседател Макрон, во интервјуто за МИА. Тој вели дека е свесен оти Северна Македонија постигнала напредок за да оди понатаму во следната фаза од евроинтеграцијата – отворање на преговорите со Унијата, но исто така е свесен и дека перцепцијата за Франција е дегрдирана кај земјите-кандидати и членки на Унијата, по негативната одлука.

Г-динe Стефан Сежурне, вие сте француски европратеник од Република Напред, шеф на француската делегација во групата на Обновена Европа, поранешен политички советник на Претседателот на Републиката Емануел Макрон. Сметате ли францускиот став за проширувањето е погрешно толкуван од земјите-кандидати и земјите членки на ЕУ?

-До одреден степен да. Треба да се потсетиме дека Франција и француските пратеници во Европскиот парламент никогаш немаа намера да го променат или нарушат политичкиот проект за проширување на Европската Унија. Свесни сме дека Северна Македонија постигна напредок за да оди нанапред во преговорите за пристапување во Унијата. Особено тука мислам на досегашните реформи во правосудниот систем, за мерките во корист на поголема транспарентност или промената на нејзиното име. Овие напори сведочат и за привлечноста на Европската унија и ние можеме да бидеме горди на тоа.

Сепак, ветото на претседателот Емануел Макрон за почетокот на пристапните преговорите не смее да го внесе чувство на огорченост меѓу Македонците. Ова во никој случај не е гест против земјата. Франција смета дека проширувањето на Унијата не смее да се направи на сопствена штета, која би довела до институционална блокада. Дополнувањето на Советот на унијата со две места во сегашната состојба само ќе ги искомплицира работите. Повеќе од кога било, потребна ни е одговорна и ефикасна Европа.

Вие сте свесни дека откако го блокиравте започнувањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во Европската унија во октомври 2019 година, сликата и перцепцијата за Франција во овие земји е деградирана?

Ова е точно и жалам за тоа, но ние не сме сами – Данска и Холандија исто така изразија воздржаност да дадат зелено светло во Европскиот совет во октомври 2019 година. Тоа е заедничка позиција што е во интерес на засегнатите народи. Мора да се реформирате пред да сакате да се отворите кон другите. Ова е во интерес и во насока на одржливост на Унијата. Мора да се разбере дека е доведен во прашање кредибилитетот на европската порака.

Европската комисија се покажа претпазлива. „Нема потреба да се менуваат правилата за Албанија и Северна Македонија“, рече Урсула фон дер Лејен во Загреб, истовремено потврдувајќи дека Комисијата се подготвува да дава предлози за промена на методологија?

Сигурно дека начинот на кој европската извршна власт и пристапува на оваа тема отвора прашања. Постапката за преговори која е во сила денес е премногу тешка, премногу нетранспарентна, премногу сложена. Мора да се поедностави, мора да зборува со засегнатите народи. Така би можеле да го избегнеме непотребното разочарување во земјите што сакаат да ни се придружат. Оваа промена на методологијата  може да се дискутира и во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, чиј принцип штотуку го одобри мнозинството за време на последната пленарна сесија на ЕП во Стразбур (јануари 2020 година).

Европскиот совет што ќе се одржи во Брисел во март е многу важен во насока на можноста за официјално отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Можеме ли да очекуваме отворање на преговорите пред самитот во Загреб?

Ако ја ревидираме нашата методологија, ако напредуваме во сопствена реорганизација, сè е можно. Преговорите може да се отворат многу брзо. Претседателот на Републиката одлучи да го претвори (самитот во) Загреб во мај во успех. Ние не го блокираме проширувањето, само сакаме да бидеме сигурни дека Европската унија е подготвена. (МИА)