Стефанова: Јанева е специјален јавен обвинител и ниту едно овластување кое ѝ е дадено, не ѝ е одземено…

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, на денешното рочиште за предметот „Титаник“, рече дека предлогот на бранителите на обвинетите за одлагање на постапката треба да биде отфрлен, бидејќи, како што појасни, Катица Јанева е сѐ уште специјален јавен обвинител и дека не може притворот да влијае врз судењата.

„Во овој момент, Катица Јанева е специјален јавен обвинител и ниту едно овластување кое ѝ е дадено, не ѝ е одземено и не може притворот во друг предмет да влијае врз судењата во одобрените обвинителни акти“, рече Стефанова.

Обвинителката кажа дека за ова разговарала со колегите, кои го поддржале тој став. Таа рече и дека разговара и со Советот на јавни обвинители, од каде до денеска не добиле одговор.

Од друга страна, Стефанова и Артан Ајро не одговорија на прашањето дали и што се разговарало на колегиумот на СЈО за писмото на Катица Јанева, која преку судот, до нив испратила барање сите истраги и обвиненија во рок од три дена да му бидат предадени на Јавното обвинителство.

„Не знам, бев на судење, не го знам тоа писмо. Кога ќе го прочитам, ќе ви кажам“, рече кратко Стефанова, по што замина во службеното возило.

За наредбата на Јанева треба да биде донесена одлука на колегиумот на СЈО. Инаку, во СЈО без поднесено обвинение останаа десетици истраги.