Стефанова не кажа поединости од повеќечасовниот исказ во Обвинителството

Денеска речиси пет часа давав исказ во својство на сведок. Во интерес на истрагата и моето својство, немам нешто плус да изјавам за јавноста, рече обвинителката од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Лиле Стефанова.

„Сѐ што имав да кажам за случаевите ‘Империја’ и ‘Рекет’ кажав во петочниот мој исказ кој на сите вам ви е добро познат“, рече кусо во вторникот прад Обвинителството за организиран криминал Стефанова пред новинарите кои по горештина ја чекаа за изјава неколку часа.

На новинарско прашање за демнатот од бизнисменот и нејзин долгогодишен пријател Ванчо Чифлиганец, дека навнодно преку него осомничените Цветан Панделески и Орце Камчев вршеле влијание за запирање на „Империја“ Стефанова кусо рече дека „Никој мене не ме демантирал, Чифлиганец мене не ме демантирал“ и си замина од зградата.

Обвинителството заради доверливоста и успешно водење на истрагата не соопшти  однапред кои дејствија и кога ќе бидат преземени, но најавите се дека по Стефанова во Обвинителството треба да биде повикана и специјалната обвинителка Катица Јанева. Јавниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека сите инволвирани ќе бидат неселективно сослушани или распитани.

Јанева и Стефанова беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“ во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.