Денес во посета на општина Гази Баба е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со кого заедно започнуваме со реализација на две големи капитални инвестиции чија вкупна вредност е околу 30 милиони денари. Во моментот се наоѓаме во населеното место Црешево каде означуваме почеток на градба на првата фаза од фекалната канализација во ова населено место во вкупна должина од 2. 400метри, инвестиција вредна 20 милиони денари обезбедени од буџетот на општина Гази Баба, изјави за медиумите градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Тој истакна дека претходно го посетиле населеното место Гоце Делчев каде што извршиле увид во градежните работи кои што се одвиваат на третата фаза од изградбата на фекалната канализација во вкупна должина од 1000 метри, инвестиција вредна 8 милиони денари.
– Само со двата проекти кои што денес ги започнуваме опфаќаме канализациона мрежа во должина од околу 3.5 километри и вкупната инвестиција околу 30 милиони денари. Освен во овие два проекти, реализираме паралелно и приклучоци на фекална канализација во населеното место Јурумлери, а наскоро ќе имаме можност да ја пуштиме во употреба фекалната канализација со изградена пречистителна станица во населеното место Смилковци. Во Гази Баба се реализираат проекти во сите населени места и во сите области. Гази Баба го слуша гласот на народот и согласно нивните барања и потреби започнуваме со проекти со кој што се решаваат децениските проблеми на граѓаните, појасни градоначалникот.
Стефковски додаде дека во партнерство со граѓаните ќе продолжат да дејствуваат и во наредниот период.
– Гази Баба ќе ја развиваме и ќе ја градиме рамномерно во секој дел од нејзината територија, дециден е тој.