Стефковски: Загрижен сум за нашите деца кои ќе одат во градинката Детска радост, одлуката на Тренчевска е незаконска и политички мотивирана

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски, утрово во просториите на општина Гази Баба одржа прес конференција на која информираше за новонастанатата состојба со детската градинка Детска радост. За прес конференцијата, Стефковски информираше на својата официјална фејсбук страна.

-Сакам да ја информирам јавноста дека откако не успеаа да направат политички притисок врз мене за да ја поништам одлуката за разрешување на директорката на  градинката Детска радост, Министерството за труд и социјална политика на 23 мај, преку соопштение информира дека ја одзема надлежноста на општината, за вчера 26.05.2023 година до општина Гази Баба официјално да пристигне Одлука за одземање на надлежностите.

Веднаш сакам да истакнам дека оваа одлука донесена од страна на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е незаконита и политички мотивирана.

Целокупната постапка за разрешување на директорката ја водеше управниот одбор на детската градинка согласно одредбите од Законот за заштита на децата, исто како и моето постапување со носење на одлуката за разрешување на директорката кое е врз основа на истиот Закон.

Изминатиот период до мене пристигнаа информации од повеќе вработени во МТСП за кои веќе информирав дека врз нив се врши сериозен притисок за носење на незаконита одлука за одземање на надлежноста на општината, а уште еден факт кој оди во прилог на тоа дека биле вршени притисоци на вработените е периодот од 10 дена, односно од 12 мај, датум на кој е доставено укажувањето до мене да ја вратам разрешената директорка, укажувањето на кое НЕ Е ПОТПИШАН инспекторот кој ја водел постапката, па се до 22 мај кога е подготвена одлуката за одземање на надлежноста во мнистерството на која одлука ИСТИОТ ТОЈ ИНСПЕКТОР, СЕГА Е ПОТПИШАН!

Кaко градоначалник на општина Гази Баба сакам да истакнам загриженост од одлуката на министерката Тренчевска да ја врати разрешената директорка за директор на градинката Детска радост.

Со оваа Одлука, Тренчевска се става во директна заштита на незаконското работење кое е утврдено со ревизорски извештај направен од страна на независна лиценцирана ревизорска куќа.

Загрижен сум поради тоа што нашите деца од понеделник ќе посетуваат градинка со која ќе управува директорка за која постојат докази за утврдени злоупотреби и законски прекршувања.

За мене е скандалозна одлуката на министерката Тренчевска, да ја врати разрешената директорка, без притоа Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупција да се произнесат по наодите за прекршување на Законот.

На министерката Јованка Тренчевска не и значеше ништо тоа што синдикатот на СОНК даде писмена поддршка на одлуката за разрешување на директорката, ниту пак двете отворени писма едното потпишано од над 80 вработени во градинката и другото потпишано од над 100 родители на дечиња.
Од првиот ден на мојот мандат како градоначалник на општина Гази Баба дадов збор дека компромис со незаконското работење нема да правам и од тоа нема да отстапам.

За ова незаконско постапување на Министерката Јованка Тренчевска еден ден за многу скоро од денес, ќе има ревизија, а потоа следува и одговорност!

Наместо министерството да ја исполнува својата примарна дејност од областа на заштитата на децата преку изградбата на нови детски градинки во Трубарево, Инџиково, Сингелиќ и Керамидница како утврдени барања и потреби на граѓаните, тие за жал водат политички битки и ги кочат процесите во локалната самоуправа!