Eдинственото нешто со што располагаме и со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст е културата, рече новата министерка за култура Ирена Стефоска, која денеска ја презеде функцијата од Хусни Исмаили.
Досегашниот министер, Исмаили посочи дека во Министерството за култура се реализираат многу проекти и, во таа смисла, ги истакна Законот за остварување на јавниот интерес во културата кој е во собраниска процедура и донесувањето на Колективниот договор во културата како двата најважни социјални столба кои се од огромно значење за унапредување на состојбите во културата.
-Уште еднаш, сакам да Ви пожелам многу успех во иднина уверен дека нашата соработка за доброто на културата и на сите културни работници ќе продолжи преку мојата поддршка и активност како пратеник во Собранието, истакна Исмаили.
Новоименуваната министерка за култура, д-р Стефоска, истакна дека позицијата министер за култура ја прифаќа како голема чест и уште поголема одговорност.
-Уште веднаш зборувам за одговорност и постојано ќе зборувам за одговорност затоа што ми е совршено јасно дека ние, како држава, единственото нешто со што располагаме и со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст е културата, рече Стефоска.
Таа додаде дека нејзина задача како министерка е посветеност и заштита на културното наследство (недвижно, движно, нематеријaлно) и во таа смисла, раскрстување со варварското однесување кон културното наследство, бидејќи тоа нè носи во пропаст.
-Ваквата определба и нејзината реализација подразбира едукација, вклучување луѓе со капацитет и знаење, подразбира вклучување на младите луѓе, подразбира надминување на сите јазови – било да се работи за генерациски, социјални или етнички – подразбира препознавање на една, заедничка цел. И затоа, мојата цел како министерка е да работиме на обединување на нашите знаења за да ја одржиме таа витална врска на нашиот културен амалгам, на нашето заедничко наследство, со современите и иднините културни, образовни, естетски, па дури и економски практики. Таа врска мораме да ја одржиме од едноставна причина што таа нè прави она што сме, потенцираше новоименуваната министерка за култура, д-р Ирена Стефоска.
Министерката за култура своето прво обраќање пред новинарите го заврши со мислата на историчарот Јохан Хојзинга кој подвлекол дека „Ако сакаме да ја сочуваме културата, мораме да продолжиме да ја создаваме“.