Стејси Абрамс прва црна женa номинирана за гувернерка во историјата на САД

Поранешната пратеничка од американската сојузна држава Џорџија и писателка Стејси Абрамс/Ејбрамс, направи голем чекор во настојувањето да стане првата афроамериканска гувернерка на некоја сојузна држава во САД.

Стејси Абрамс ја освои во вторникот номинацијата на Демократската партија, порачувајќи им на гласачите дека „преобратувањето“ на републиканците во демократи досега не дало резултати.

Демократската партија не ја води Џорџија од 2003 година. Четириесет и четиригодишната Абрамс ќе се соочи со републиканскиот кандидат на изборите во ноември.

Доколку биде избрана во оваа изразено конзервативна сојузна држава, ќе биде првата жена и прв припадник на некое етно-расно малцинство на чело на оваа јужна американска држава. Во САД во моментов се на должност шест гувернерки.

Многу жени се натпреваруваат и веќе ги освоија демократските номинации во сојузните држави Кентаки, Арканзас и Тексас, на бранот од феминистичките кампањи #MeToo и #TimesUp.

Абрамс е родена во Галфорт во Мисисипи и има пет браќа и сестри. Како тинејџерка се преселила во Атланта со родителите, мајката библиотекарка на универзитет и таткото работник на бродоградилиште.

Во Џорџија досега веќе има остварени неколку постигнувања без преседан. Беше првата афроамериканка којашто како одлична ученичка одржала говор на доделувањето на дипломите во своето средно училиште, а потоа се стекнала со диплома на колеџот Спелмен. Подоцна магистрира на универзитите во Тексас и на Јејл.

Првпат во конгресот на Џорџија е избрана во 2006 година и подоцна стана првата жена којашто водела пратеничка група и првата афроамериканка која претседавала со претставничкиот дом на парламентот на оваа сојузна држава.

Нејзината номинација ја поддржаа сенаторите од Вермонт, Берни Сандерс, од Њу Џерси, Кори Букер и од Калифорнија, Камала Херис, сите потенцијални кандидати за демократската претседателска номинација во 2020 година, а Сандерс беше контрадикторно поразен во трката со Хилари Клинтон за последните претседателски избори во 2016 година.

Освен политиката, Абрамс се занимава со книжевност и под псевдонимот Селена Монтгомери напишала осум романи со романтична содржина.