Стејт департмент: Македонија и Грција што поскоро да го решат проблемот со името

Американскиот Стејт департмент најави дека на самитот на НАТО во Велика Британија што ќе се одржи во септември, ќе биде поставено прашањето за проширување на НАТО и ги повика Македонија и Грција што е можно поскоро да го решат спорот за името.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, ваквата најава доаѓа по писмото со поддршка за прием на Македонија и Црна Гора во НАТО и за придвижување на Босна и Херцеговина, Грузија и Косово кон Алијансата, што до Стејт департментот го упатија 40 конгресмени.

Портпаролката на Стејт департментот, Мари Харф, потврди дека писмото е добиено, нагласувајќи дека САД остануваат посветени на тоа НАТО да има политика на отворена врата.

– Мислам дека тоа го кажавме на сите самити на НАТО. Исто така јасно кажавме дека аспирантите за НАТО мора да ги исполнат стандардите за членство за НАТО. Како што работат во таа насока, ние ќе ги поддржуваме во тие напори. Конкретно за Македонија, НАТО имаше согласност на сите членки дека поканата за членство во Алијансата ќе и биде упатена кога ќе се најде заемно прифатливо решение за спорот за името. Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат решение на спорот за името што е можно поскоро. Сигурна сум дека проширувањето на НАТО ќе биде тема на самитот во Британија, изјави Харф.

Ова е прва најава на Вашингтон дека проширувањето ќе биде тема на Самитот. Грција, досега, се обидуваше да издејствува на самитите на НАТО воопшто да не се постави оваа тема. Но, со кризата во Украина, во САД се засилија повиците на конгресмените и експертите да се забрза проширувањето на НАТО, како еден од одговорите на руското ширење во Крим.

И украински премиер Арсениј Јацењук, кој завчера се сретна со американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон, го посочи запирањето на ширењето на НАТО по самитот во Букурешт во 2008 година, како причината зошто Русија обезбеди независност на две области во Грузија, а сега турка референдум за независност на украинската област Крим.

На самитот во Букурешт, беше одбиено барањето на Грузија и Украина за отпочнување на МАП процесот, кој е првиот чекор кон членство во НАТО.