Стерјовски: Албанија е единствената земја во регионот што ја нема потпишано Европската повелба за малцински јазици

362

Пратеникот во албанскиот парламент од македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница на законодавниот дом, побара од Владата во Тирана да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици.

– Ја охрабруваме Владата да го потпише и ратификува главниот европски документ што ги штити и промовира регионалните и малцинските јазици, Европската повелба за регионални и малцински јазици. Со тоа ќе се исполни препораката на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства но и препораките на извештаите за напредок на Советот на Европа – порача Стерјовски.

Тој посочи дека сите земји од Западен Балкан, кои се стремат да пристапат кон Европската унија, се должни да усвојат специфични стандарди за заштита на малцинствата, формулирани во политиката на проширување на ЕУ, како и во процесот на стабилизација и асоцијација.

– Овие земји подлежат на бројни услови во однос на нивната политика кон малцинствата, преземајќи обврска за усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ. Еден од условите за натамошно унапредување со нивното членство во ЕУ е потпишувањето на Европската повелба за регионални или малцински јазици – нагласи тој и додаде дека Албанија е единствена земја во регионот, членка на Советот на Европа, која не ја има потпишано Европската повелба за регионални или малцински јазици.

– Сите мислења на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, но и извештаите за напредокот на Советот на Европа, идентификуваат голем број на недостатоци во однос на правото на малцинствата во Албанија. Еден од тие недостатоци е секако неможноста да комуницираат со владините и локалните власти на нивните јазици како и употребата на имињата на местата, патиштата и други топографски индикатори на јазикот на малцинствата – потенцираше Стерјовски.

Тој потсети дека во Националниот план за спогодбата за стабилизација и асоцијација 2012-2015 година, бил вклучен предлогот на Комитетот на малцинства Владата да ја потпише Европската повелба за регионални или малцински јазици,што до ден денес не е сторено.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.